Германија надмина 106 GW соларна енергија, но сè повеќе зависи од увоз од Кина

Германија продолжува да го засилува својот соларен сектор, достигнувајќи вкупен инсталиран капацитет од 106,2 GW до крајот на 2025 година. Сепак, зад овој раст се крие еден интересен тренд, сè поголема зависност од увоз на опрема, особено од Кина.

Според податоците на Федералната агенција за статистика на Германија – Destatis, во земјата се инсталирани околу 4,8 милиони фотоволтаични системи на покриви и имоти. Бројот на системи пораснал за 17,6% во однос на 2024 година, додека капацитетот се зголемил за 11,8%. Иако растот е значителен, тој сепак забавува во споредба со претходните години кога изнесуваше над 27%.

Особено впечатлив е податокот дека дури 88% од увезените фотоволтаични системи доаѓаат од Кина, додека Холандија учествува со 5,2%. Вкупната вредност на увозот изнесува 1,8 милијарди евра, што е благ пад од 7,8%.

РЕКЛАМА

Во исто време, домашното производство на соларна опрема бележи сериозен пад. Во првите три квартали од 2025 година се произведени 509.200 единици, што е намалување од 60,6% на годишно ниво. Овој тренд трае веќе неколку години, при што бројот на произведени модули значително опаѓа.

И извозот е во пад, намален за 30,1%, на 358 милиони евра, при што главни пазари се Италија, Автрија и Швајцарија.

Ова значи дека, иако Германија бележи силен раст на соларната енергија, истовремено станува сè поранлива на глобалните синџири на снабдување, тренд што отвора прашања за енергетската независност и индустриската стратегија во иднина.

Извор: Destatis.de

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил