Германија: 4,7 милиони луѓе не можат да си дозволат соодветно греење

Уделот на населението во Германија кое живее во домаќинства што не можат финансиски да си дозволат соодветно да ги загреваат домовите се намалил од 6,3% во 2024 на 5,7% во 2025 година, покажуваат податоците на германската Сојузна служба за статистика (Дестатис).

И покрај подобрувањето, околу 4,7 милиони луѓе и натаму се соочуваат со вакви финансиски тешкотии. Уделот е под просекот на Европската Унија, кој во 2025 година изнесувал 8,8%.

Намалувањето е забележано во период кога енергентите поевтинуваа по ценовните потреси предизвикани од руската инвазија врз Украина во 2022 година. Но, во 2026 година цените повторно бележат раст, по почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари.

РЕКЛАМА

Според Дестатис, енергијата за домаќинствата во Германија во октомври била поскапа за 2,2% во споредба со истиот месец лани. Најголем раст е регистриран кај лесното масло за греење, кое поскапело за речиси 84,5%, додека огревното дрво, пелетите и другите цврсти горива поскапеле за 14,5%.

Од друга страна, електричната енергија поевтинила за 5,2%, а природниот гас за 1,2%, делумно како резултат на владините мерки за намалување на трошоците за енергија.

На подолг рок, сепак, поскапувањето е значително. Во периодот од 2020 до 2025 година, цената на природниот гас пораснала за 91,2%, на маслото за греење за 88,8%, а на централното греење за 78,7%. Електричната енергија поскапела за 24,6%.

Дополнителен притисок врз потрошувачите покажуваат и цените на гасот за новите корисници, кои според порталот „Веривокс“ се зголемиле од 8,37 евроценти за киловат-час на почетокот на јануари на 14,25 евроценти во средината на ноември.

Растот на цените е поврзан и со нарушувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец, низ кој вообичаено минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас (ЛНГ), како и со оштетувањата на енергетската инфраструктура на Блискиот Исток.

Според „Веривокс“, цените би можеле благо да се намалат во пролетта 2027 година, но не се очекува брзо и трајно враќање на пониските нивоа.

Во Германија околу 80% од станбените објекти сè уште се загреваат со нафта или гас, што ги прави домаќинствата особено изложени на промените на цените на фосилните горива. Иако во 2025 година продажбата на топлински пумпи за првпат ја надминала продажбата на гасни котли, замената на постојните системи за греење се одвива постепено.

Извор: Cleanenergywire.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил