Милано. 11 септември 2025 – Соединетите Американски Држави најавија амбициозна стратегија за двојно зголемување на извозот на природен гас во следните пет години, со цел да одговорат на растечката глобална побарувачка.
Американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, ја претстави иницијативата на вториот ден од енергетскиот форум Gastech 2025 во Милано, нагласувајќи дека природниот гас е „најбрзорастечкиот извозен производ на САД“. Тој истакна дека извозот веќе генерира поголеми приходи од целата филмска индустрија и оти новата цел е клучен дел од економската и енергетската стратегија на земјата.
„Во наредните четири до пет години ќе го удвоиме извозот на природен гас од сегашното ниво,“ изјави Рајт, додавајќи дека администрацијата на Доналд Трамп ќе го забрза процесот на одобрување на терминали и инфраструктура потребна за транспорт на гасот.
Рајт потенцираше дека светот бара „масивно повеќе енергија“ и дека зголеменото производство ќе придонесе за пониски цени и поголем пристап. Тој укажа и на зголемената улога на вештачката интелигенција во енергетскиот сектор, оценувајќи дека побарувачката за струја ќе расте значително поради технолошкиот напредок.
Рајт го поздрави неодамнешниот трговски договор со Европската Унија, оценувајќи дека истиот отвора нови можности за заедничка енергетска политика. „Очекувам Европа да стане центар за вештачка интелигенција, но тоа бара промена на енергетската стратегија,“ изјави тој.
Американскиот секретар заврши со пораката дека енергетската политика треба да биде насочена кон подобрување на квалитетот на животот, нагласувајќи дека приоритетот мора да биде достапна и сигурна енергија.
Извор: EnergyConnects.com