Париз. 30 јуни 2025 – Во важен пресврт за француската енергетска политика, Националното собрание – долниот дом на парламентот, минатата недела со големо мнозинство гласови го отфрли предлог-амандманот со кој се предвидуваше воведување мораториум на издавањето дозволи за нови проекти од ветерна и сончева енергија.
Овој амандман, поднесен од пратеникот Жером Нури од Републиканската партија, беше дел од нацрт-законот за Енергетско програмирање на Франција за периодот 2025–2035 година. Предлогот предвидуваше времено запирање на процесот на одобрување нови ветерни и фотоволтаични капацитети, сè додека не се спроведе сеопфатна, независна и објективна анализа за определување на најсоодветниот енергетски микс за земјата, од економски, и од еколошки аспект.
Отфрлањето на амандманот беше поздравено од националната асоцијација за обновлива енергија France Renouvelables, која оцени дека се работи за „враќање на здравиот разум во енергетската дебата“. Организацијата истакна дека предложениот текст бил „длабоко контрадикторен и ризичен“ и оти неговото усвојување би можело да има долгорочни негативни последици врз енергетската иднина на Франција.
По оваа одлука, законот продолжува кон следната фаза во законодавната процедура, второ читање во Сенатот, каде ќе се разгледува во неговата првична, необременета верзија. Усвојувањето на Законот за енергетско програмирање е предуслов за финализирање и објавување на новата верзија на националниот план за повеќегодишно енергетско планирање (PPE), кој е клучен документ за реализација на целите за декарбонизација и постигнување климатска неутралност до 2050 година.
Иако новата верзија на PPE предлага ревидирање на претходно амбициозните цели за соларна енергија, со нова проекција од 65 до 90 GW инсталиран капацитет до 2035 година, во однос на претходните 75 до 100 GW – сепак, парламентарната поддршка за обновливите извори се смета за позитивен сигнал дека Франција останува цврсто определена кон енергетската транзиција и одржлив развој.
Извор: Renewablesnow.com