Париз.18 април 2025 – Албанија и Франција ја зацврстуваат својата соработка во енергетскиот сектор со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу албанската државна енергетска компанија KESH и Француската агенција за развој (AFD). Овој договор, потпишан за време на посетата на францускиот министер за Европа, Бенжамин Хадад, во Тирана, предвидува финансиска поддршка од 800.000 евра за модернизација на хидроенергетската инфраструктура на реката Дрим и развој на напредни системи за складирање енергија. Проектот е дел од зелената агенда на Албанија и нејзините приоритети за интеграција во Европската Унија.
Реката Дрим е дом на трите најголеми хидроцентрали во Албанија – Фиерза (500 MW), Коман (600 MW) и Вау и Дејес (250 MW) – со вкупен капацитет од 1,35 GW. Овие централи се клучни за енергетската независност на земјата, и обезбедуваат значителен дел од електричната енергија. Сепак, застарената инфраструктура и предизвиците поврзани со управувањето со водните ресурси ја нагласуваат потребата од нивна модернизација.
Преку финансиската поддршка од AFD, KESH ќе добие пристап до француска техничка експертиза за подобрување на управувањето со каскадата на Дрим. Проектот вклучува дигитализација на системите за управување со испуштањето на водата, што ќе ја оптимизира производството на електрична енергија, ќе го намали ризикот од поплави во долниот дел на реката и ќе овозможи развој на технологии за складирање енергија.
Меморандумот предвидува и директна соработка меѓу KESH и француската енергетска компанија Electricité de France (EDF). Ова партнерство ќе овозможи размена на искуства и know-how во областа на хидроенергетската инфраструктура и дигиталните технологии. Француските експерти ќе помогнат во проценката и изборот на најсоодветните технологии за складирање енергија, што е од клучно значење за балансирање на енергетскиот систем и интегрирање на обновливите извори.
„Овој Меморандум покажува дека Албанија е приоритет за Франција. Ние сме посветени на поддршка на европската конвергенција на земјата преку мобилизација на нашите оператори и финансиски алатки“, изјави министерот Хадад за време на посетата, реализирана пред десетина денa, Тој нагласи дека проектот е дел од пошироката француска стратегија за поддршка на Албанија во нејзиниот пат кон ЕУ.
Според заменик-министерот за инфраструктура и енергетика на Албанија, Цено Клоси, француската поддршка во енергетскиот сектор расте во последните пет години. „Франција не само што поддржува структурни реформи, туку и учествува во клучни проекти со нашите енергетски компании“, изјави Клоси.
Овој проект е во согласност со зелената агенда на Албанија, која има за цел да ја намали зависноста од фосилни горива и да ја зајакне енергетската одржливост.
Извор: АФД