Financial Times: „Армагедон“ за пазарите на гас по ракетниот напад врз Катар

Ракетниот напад врз гасниот комплекс Рас Лафан во Катар предизвика сериозен глобален енергетски шок, при што трговци и аналитичари предупредуваат на сценарио со долгорочни последици за снабдувањето со гас, објавува Financial Times.

Според весникот, објектот кој обезбедува околу 20% од светската понуда на течен природен гас (ЛНГ), бил погоден со балистички ракети во два наврати. Рас Лафан е најголемиот ваков индустриски комплекс во светот, граден со децении и инвестиции од стотици милијарди долари.

Експертите го опишуваат развојот како „Армагедон сценарио“ за пазарите на гас. Веднаш по нападот, цените на гасот во Европа пораснаа за околу 30%, а од почетокот на конфликтот се повеќе од двојно зголемени. Истовремено, цената на нафтата достигна речиси 119 долари за барел.

РЕКЛАМА

Државната компанија QatarEnergy проценува дека санацијата на оштетените капацитети ќе трае од три до пет години, со загуби од околу 20 милијарди долари годишно. Поради тоа, веќе се најавува раскинување на долгорочни договори со повеќе земји, меѓу кои Италија, Белгија, Јужна Кореја и Кина.

Financial Times наведува дека околу 17% од производствениот капацитет на Катар ќе бидат недостапни во подолг период, што значително ќе го ограничи глобалното снабдување.

Европа, која по војната во Украина стана повеќе зависна од ЛНГ, сега ќе се соочи со засилена конкуренција од азиските економии за ограничените количини гас. Во Азија веќе се бележат недостиг и рационализација, а дел од земјите повторно се префрлаат на јаглен.

Весникот заклучува дека дури и со евентуално брзо смирување на конфликтот, обновувањето на нормалното производство нема да биде возможно во краток рок, што значи дека глобалните енергетски пазари ќе останат под силен притисок во наредните години.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил