ЕВРОСТАТ: Просечната цена на струјата во ЕУ стабилна во првата половина од 2025. Македонија под просекот на ЕУ

Брисел. 30 октомври 2025 – Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Европската унија во првата половина од 2025 година изнесувала 28,72 евра за 100 киловат-часови, што претставува намалување од 0,5% во споредба со втората половина од 2024 година (28,87 евра), покажуваат податоците на Евростат.

Иако цените остануваат стабилни, тие и понатаму се значително повисоки од нивото пред енергетската криза во 2022 година. Делот на даноци и давачки во сметките за електрична енергија се зголемил од 24,7% на 27,6%, што го ублажило ефектот од намалувањето на цените пред оданочување врз конечните сметки за потрошувачите.

Највисоки цени на електрична енергија за домаќинства се регистрирани во Германија (38,35 евра за 100 kWh), Белгија (35,71 евра) и Данска (34,85 евра). Најниски цени пак имале Унгарија (10,40 евра), Малта (12,44 евра) и Бугарија (13,00 евра).

РЕКЛАМА

Најголем пораст на цените во однос на првата половина од 2024 година е забележан во Луксембург (+31,3%), Ирска (+25,9%) и Полска (+20%), додека најголеми намалувања има во Словенија (-13,1%), Финска (-9,8%) и Кипар (-9,5%).

Изразено во стандард на куповна моќ (PPS), највисоки реални цени плаќале домаќинствата во Чешка (39,16), Полска (34,96) и Италија (34,40), а најниски во Малта (13,68), Унгарија (15,01) и Финска (18,70).

Кај недомaќинствата, просечната цена на електричната енергија во првата половина од 2025 година изнесувала 19,02 евра за 100 kWh, што претставува благо намалување од 19,41 евра во претходниот период. Бројот на земји со раст и со пад на цените бил приближно еднаков.

Што се однесува до Македонија, според Евростат, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата изнесувала 22,59 евра за 100 киловат-часови, вредност што се наоѓа под просекот на Европската унија, кој изнесува 28,72 евра.

Извор: Евростат

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба