Европа ја привршува грејната сезона со значително пониски резерви на природен гас од вообичаеното, што ја отвора дилемата за безбедноста на снабдувањето во пресрет на следната зима. Според податоците на европската енергетска платформа AGSI, на 26 јануари складиштата биле исполнети 44% од капацитетот, што е најниско ниво за овој период од годината од 2022 наваму и далеку под десетгодишниот просек од 58%.
Анализата на историските трендови укажува дека, доколку сегашната динамика на повлекување продолжи, резервите до крајот на март би можеле да паднат до околу 30%. Во таков случај, Европа ќе мора да обезбеди приближно 60 милијарди кубни метри гас за да ги врати складиштата на ниво споредливо со почетокот на минатата грејна сезона.
По колапсот на испораките од Русија, течниот природен гас ЛНГ останува клучен извор за европскиот пазар.
Само минатата година, увозот на ЛНГ порасна за околу 30% и достигна рекордни над 175 милијарди кубни метри. Улогата на овој енергент дополнително ќе се зголеми по одлуката на Европската унија целосно да го укине увозот на руски гас, гасоводен и течен, најдоцна до крајот на 2027 година.
Сепак, актуелните ценовни движења создаваат дополнителни предизвици. Летните фјучерси на европскиот гасен хаб TTF моментално се тргуваат по повисоки цени од зимските, што го намалува финансискиот интерес за складирање гас во летниот период. Енергетските аналитичари предупредуваат дека ваквите искривени ценовни сигнали, во комбинација со зголемена шпекулативна активност на пазарот, може да ја отежнат подготовката за следната грејна сезона.
Иако глобалната понуда на ЛНГ се очекува да расте во наредните години, експертите нагласуваат дека Европа не може целосно да се потпре на тековни испораки. Без доволно наполнети складишта, континентот останува изложен на ризици од ценовни шокови и нарушувања во снабдувањето во периоди на екстремен студ.
