Европските производители на соларни инвертори се здружуваат против кинеската доминација

Европските производители на инвертори – клучни уреди за поврзување на соларните панели со електроенергетската мрежа – формираа нова алијанса со цел да ја намалат зависноста од Кина и да ја зајакнат сајбер-безбедноста на европската електрична мрежа.

Новата иницијатива ги обединува преостанатите европски компании што сè уште произведуваат инвертори, надвор од постојните индустриски лоби-структури. Повод е зголемената загриженост поради доминацијата на Кина во синџирот на снабдување со соларна опрема. Во 2023 година, дури 78% од инверторите увезени во ЕУ потекнувале од Кина, а девет од 12-те водечки компании на европскиот пазар се кинески, покажува извештај на SolarPower Europe.

За разлика од соларните панели, кои се сметаат за технички едноставни, инверторите често се поврзани на интернет и може да бидат ранливи на сајбер-напади. Според SolarPower Europe, злоупотреба на далечински пристап до само 5 гигавати соларен капацитет би можела значително да ја наруши стабилноста на електроенергетската мрежа.

РЕКЛАМА

Австриската компанија „Фрониус“, која неодамна ја напушти SolarPower Europe поради членството на кинескиот „Хуавеи“, е меѓу основачите на новата алијанса. На иницијативата ѝ се приклучија и германската SMA, шпанската Ingeteam и други производители, со поддршка на лоби-групата ESMC (Made in EU Solar).

Целта е создавање „отпорен, конкурентен и сајбер-безбеден екосистем на западни производители на инвертори, системи за складирање и управување со енергија“, се наведува во заедничкото соопштение.

Формирањето на новата група ја продлабочи поделбата во европскиот соларен сектор. Додека SolarPower Europe ги застапува и кинеските производители и инвеститори кои се потпираат на поевтина опрема, новата алијанса инсистира на европско производство, тврдејќи дека повисоките трошоци се оправдани со поголема безбедност.

„Нетехничките фактори на ризик – како управувањето, сопственоста, надворешното влијание и доверливоста на субјектите – се подеднакво важни за безбедноста како и техничките мерки“, порачуваат од алијансата.

Извор: Euractive.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба