Лондон. 27 септември 2025 – Новиот извештај на енергетскиот тинк-тенк „Ембер“ предупредува дека недоволните инвестиции и ризикот од саботажи можат да остават милиони Европејци без струја. Анализата покажува дека прекуграничните електрични интерконектори – високонапонските линии што ги поврзуваат националните мрежи, спречиле најмалку три големи прекини на струја во последните пет години и ги заштитиле држави како Украина, Молдавија и балтичките земји од енергетски притисоци од Русија.
Според „Ембер“, интерконекторите одиграле пресудна улога во неколку критични инциденти и тоа:
- Во мај 2021 г. човечка грешка во полска трафостаница исфрли 3,5 GW, а струјата од Германија и други соседи ја стабилизираше мрежата за неколку минути.
- Во јуни 2020 г. Полска изгуби 5,7 GW поради проблеми со снабдувањето со јаглен; итни увози преку интерконектори спречија масовен прекин.
- Во 2022 г. прекините во француските нуклеарки ја претворија земјата од најголем извозник во увозник; интерконекторите покрија до 17% од побарувачката.
- По априлскиот колапс во 2025 г. кој остави 60 милиони луѓе без струја во Шпанија и Португалија, врските со Франција и Мароко беа клучни за рестарт на системот.
„Без интерконекторите, Европа ќе доживееше уште два големи прекина на струја во последниве пет години,“ вели д-р Павел Чижак, директор за Европа во „Ембер“.
Извештајот нагласува дека интерконекторите стануваат и своевиден геополитички штит. По руската инвазија во 2022 г., Украина го синхронизираше својот систем со европската мрежа, што ѝ овозможи да увезува струја и покрај уништеното домашо производство. Истовремено, Молдавија се потпре на увозот од Романија кога Русија го прекина гасот пред изборите во 2024 г., а балтичките земји во февруари 2025 г. целосно се поврзаа со европската мрежа, раскинувајќи ја зависноста од Москва.
Но со новата отпорност растат и ризиците: од 2022 г. се забележани најмалку девет акти на саботажа во Балтичкото Море, вклучително и оштетувања на подморски кабли.
И покрај значењето, 55% од европската мрежа има ограничени можности за итен увоз на струја. Шпанија, Ирска и Финска се меѓу најранливите, а Полска – петтиот најголем пазар во ЕУ – има една од најниските увозни капацитети (12%) и речиси без нови проекти.
„Колку повеќе интерконектори имаме и колку подобро ги обезбедуваме, толку сме побезбедни од саботажи,“ нагласува Чижак.
Извештајот бара забрзана изградба на нови интерконектори, особено во Источна Европа, Пиринејскиот полуистров и Финска, како и засилена физичка и сајбер заштита на постојната инфраструктура. Очекуваниот „Европски пакет за мрежата“ подоцна годинава се гледа како шанса за политичка и финансиска мобилизација – бидејќи, како што предупредува „Ембер“, без прекугранична соработка Европа ризикува да остане и без светло и без безбедност.
Извор: Ember-energy.org