Европската комисија ја усвои новата Стратегија за инвестиции во чиста енергија, со која има за цел значително да се зголемат вложувањата во енергетската транзиција и да се мобилизира дополнителен приватен капитал за развој на одржлива енергетика во Европа.
Според проценките на Комисијата, за остварување на транзицијата кон чиста енергија ќе бидат потребни околу 660 милијарди евра инвестиции годишно до 2030 година, а во периодот од 2031 до 2040 година оваа сума ќе се зголеми на околу 695 милијарди евра годишно. Иако досегашниот напредок е значителен, од Брисел оценуваат дека темпото и обемот на инвестициите мора дополнително да се зголемат за европската економија да се напојува со сигурна, достапна и чиста енергија.
Новата стратегија има за цел да го искористи јавниот капитал како поттик за привлекување приватни инвеститори. Намерата е преку јавни финансиски инструменти да се намали ризикот за проектите, да се распределат трошоците за финансирање во подолг временски период и да се привлечат институционални инвеститори со голем капитал.
Во рамки на иницијативата, Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) планира во следните три години да обезбеди повеќе од 75 милијарди евра финансирање за проекти поврзани со енергетската транзиција.
Еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргенсен истакна дека јавните средства сами по себе не се доволни за остварување на амбициозните цели.
„За да обезбедиме европската економија да се напојува со сигурна, достапна и чиста енергија, мора да го зголемиме темпото и обемот на инвестиции. Со новата стратегија ќе го намалиме ризикот за проектите и ќе привлечеме поширок круг инвеститори за финансирање на чисти технологии, енергетска ефикасност и модерна инфраструктура“, изјави Јоргенсен.
Претседателката на Групацијата на ЕИБ, Надја Калвињо, нагласи дека инвестициите во чиста енергија веќе придонесуваат за намалување на трошоците за компаниите и домаќинствата, отворање нови работни места и зајакнување на енергетската независност на Европа.
Стратегијата предвидува четири клучни мерки:
- Подобрување на пристапот до капиталните пазари за операторите на електроенергетските мрежи, вклучително и обезбедување сопствен капитал преку нов инвестициски фонд за инфраструктура, со можност ЕИБ да вложи до 500 милиони евра.
- Поддршка за банките да одобруваат повеќе кредити за енергетска инфраструктура, особено за помалите оператори, преку механизми за секјуритизација на заеми.
- Насочени јавни средства за намалување на ризикот при инвестиции во иновативни чисти технологии и енергетска ефикасност, вклучувајќи поддршка за новата генерација технологии и истражувања за мали модуларни нуклеарни реактори. Во оваа рамка се предвидува и пилот-програма од 500 милиони евра за модели на „енергетска ефикасност како услуга“.
- Формирање Совет за инвестиции во енергетската транзиција, кој ќе ги поврзе институциите на ЕУ со инвестициската заедница со цел подобро усогласување на јавните политики со потребите на инвеститорите.
Од Европската комисија најавуваат дека претстојната рамка за енергетика и клима за следната деценија дополнително ќе го прецизира обемот на потребните инвестиции, додека долгорочниот буџет на ЕУ за периодот 2028–2034 и националните програми за поддршка ќе имаат клучна улога во намалување на ризиците и поттикнување на приватните вложувања во енергетскиот сектор.
Извор: Европска Комисија
