Брисел. 12 јули 2025 (Ројтерс) – Европската комисија предложи нова, подвижна горна граница за цената на руската сурова нафта, која би била 15% пониска од просечната пазарна цена во изминатите три месеци, соопштија дипломатски извори од ЕУ.
Предлогот доаѓа во време кога Европската унија и Обединетото Кралство вршат притисок врз земјите од Г7 да ја намалат постоечката граница од 60 долари по барел, која веќе не е релевантна поради промените на пазарот. Цената на Брент суровата нафта во петокот се затвори на 70,36 долари по барел.
Новата формула, која предвидува ревизија на цената секои три месеци, има за цел да ги задоволи и загриженостите на поморските земји-членки – Малта, Грција и Кипар – велат дипломатите кои побараа анонимност.
Иако ЕУ постојано се обидуваше да го усогласи ставот со САД, Вашингтон досега одбиваше да поддржи намалување на постојниот лимит, што ја натера Унијата да продолжи самостојно со иницијативата.
Во моментов, цената на руската нафта Уралс е 2 долари под актуелната горна граница од 60 долари. Сепак, се очекува новата подвижна рамка да има поголемо влијание врз приходите на Москва и финансирањето на нејзината воена кампања во Украина.
Првичниот предлог на Комисијата за намалување на лимитот на 45 долари по барел беше дел од 18-от пакет санкции на ЕУ против Русија, предложен во јуни. Според правилата на ЕУ, сите санкции мора да бидат едногласно усвоени од сите земји-членки.
Кремљ реагираше на новиот предлог, изјавувајќи дека има искуство во справување со вакви предизвици, вклучително и евентуална нова ценовна рамка.
Извор: Ројтерс