Изминатата недела Европската комисија започна јавни консултации и повик за доставување докази со цел подготовка на новата законодавна рамка за обновлива енергија и енергетска ефикасност за периодот по 2030 година.
Во рамки на иницијативата, Комисијата отвори 12-неделна јавна консултација и 4-неделен повик за докази, со кои ќе се собираат мислења од граѓани, индустрија и други засегнати страни. Резултатите ќе бидат вклучени во подготовката на законските предлози, чие усвојување е планирано до крајот на 2026 година.
Новата рамка за обновлива енергија има за цел да обезбеди сигурна, достапна и одржлива енергија произведена во Европа, како и да придонесе кон исполнување на климатските цели на ЕУ до 2040 година. Иако уделот на обновливи извори во енергетскиот микс на ЕУ се зголеми на 25,2% во 2024 година, Комисијата оценува дека е потребно значително забрзување на нивниот раст.
Паралелно, се работи и на нова рамка за енергетска ефикасност, која се смета за клучен столб во енергетската и климатската политика на Унијата. Целта е намалување на потрошувачката на енергија, зголемување на конкурентноста на европската економија и намалување на зависноста од увоз на фосилни горива.
И двете иницијативи се дел од поширок пакет политики, кој ги вклучува и плановите за достапна енергија, електрификација и индустриска трансформација. Дополнително, тие се координираат со ревизијата на регулативата за управување со енергетската унија.
Според најавите, новите законски решенија ќе бидат насочени кон намалување на трошоците за енергија, поддршка на индустриската продуктивност и зајакнување на отпорноста на европскиот енергетски систем.
Јавната консултација ќе трае до 12 јуни 2026 година, додека повикот за доставување докази е отворен до 16 април 2026 година.
Енергетика 24
