Брисел. 28 Мај 2025 година — Европската комисија на 28 мај објави охрабрувачка проценка на конечните Национални енергетски и климатски планови (NECPs), потврдувајќи дека Европската унија е силно фокусирана на исполнување на своите климатски обврски и премин кон одржлива енергетска иднина.
На прес-конференцијата одржана во Брисел се обратија потпретседателката на Комисијата Тереса Рибера и комесарите Вопке Хоекстра и Дан Јоргесен, кои ја потенцираа важноста на заедничката акција, амбицијата и инвестициите во зелена трансформација.
Рибера: Зелената транзиција е двигател на економијата
Потпретседателката Тереса Рибера порача дека Европа останува на цврст пат кон целосна декарбонизација, нагласувајќи дека климатската акција не е само неопходност, туку и економска можност.
„Зелената агенда носи инвестиции, раст и благосостојба. Можеме да ја постигнеме декарбонизацијата, а притоа да го зајакнеме економскиот развој,“ изјави таа.
Покрај ова, Рибера предупреди и на зголемените трошоци од непреземање конкретни чекори. „Климатските катастрофи во ЕУ од 2021 до 2023 година предизвикаа економски штети од најмалку 163 милијарди евра. Подобро е да инвестираме во иднината отколку да плаќаме за последиците.“
Хоекстра: Сме блиску до целта од -55%
Комесарот за климатска акција, Вопке Хоекстра, ја оцени ситуацијата како „добра вест за климата и за економијата“, истакнувајќи дека ЕУ веќе има намалување на емисиите од 37% во однос на 1990 година, со значително забрзување само во последната година.
„Ако државите членки целосно ги спроведат своите планови, заедно со постојните политики на ЕУ, сме на добар пат да постигнеме намалување на емисиите од 54% до 2030 година — речиси до целта од 55%,“ рече Хеокстра.
Тој ја потенцираше потребата од понатамошни инвестиции во чисти технологии, модернизација на мрежите, електрификација, карбонско земјоделство и обука на кадри, како и важноста на праведната транзиција, особено со новиот систем за тргување со емисии (ETS2) за транспорт и згради.
Јоргесен: Сме напреднале, но мораме повеќе за енергетска ефикасност
Комесарот за енергетика, Дан Јоргесен, рече дека иако напредокот е очигледен, има уште простор за подобрување, особено кај енергетската ефикасност.
„Колективниот напредок во моментот изнесува 8.1%, додека целта е 11.7% до 2030. Минатата година бевме на 5.8%, така што се движиме во добра насока, но сепак недоволно брзо,“ рече тој, најавувајќи нови мерки за електрификација, како и планови за подобрување на греењето и ладењето.
Заедничка порака: Сега е време за реализација
Сите тројца претставници на ЕК упатија силна порака: времето за акција е сега.
„Ги гледаме промените – пораст на чистата енергија, напредок во транспортот, раст на инвестициите и индустрии кои се декарбонизираат. Ова е моментот да ја засилиме оваа трансформација,“ истакна Хоекстра.
Комисијата веќе работи на утврдување на целите за 2040 година, со нови стратегии како Индустриската зелена агенда и Планот за пристапна енергија кои треба да обезбедат предвидливост и стабилност во долгорочната транзиција.
Извор: Европска комисија