Брисел. 15 мај 2025 – Комитетот за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент усвои серија предлози со кои се повикува на значајни инвестиции, подобра прекугранична поврзаност и поедноставени процедури, со цел модернизација на електричните мрежи и подобра интеграција на обновливите извори на енергија.
Во усвоениот документ, европратениците ги истакнуваат начините на кои Европа може да ја зајакне својата електрична инфраструктура за да одговори на растечката побарувачка за чиста енергија и да обезбеди флексибилен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем. Еден од клучните елементи е имплементацијата на Акцискиот план за мрежи на ЕУ, како и зголемувањето на прекуграничните капацитети за пренос на електрична енергија.
„Потребни се значајни инвестиции и унапредувања во националната и прекуграничната мрежна инфраструктура, ако сакаме да изградиме модерен, отпорен и климатски неутрален енергетски систем,“ стои во извештајот. Европратениците предупредуваат дека без посилен регулаторен надзор и соодветни финансиски модели, ќе продолжат бариерите за вклучување на обновливите извори во мрежата, како и појавите на т.н. “curtailment” – ограничување на нивното производство поради слабости во преносниот систем.
Извештајот повикува на транспарентни и ефикасни правила за привлекување приватни инвестиции и тарифни модели кои ќе ги одразуваат вистинските трошоци за мрежното функционирање.
Во контекст на зголемените ризици од прекини и преоптоварување, европратеничката Ана Стургкх предупреди:
„Прекинот на струја на Пиринејскиот Полуостров беше болно потсетување на ранливоста на нашите мрежи. Тоа не значи дека Унијата на енергија е неуспешна, туку, напротив, прекуграничните интерконектори ѝ овозможија на Франција веднаш да интервенира. Но, ако Комисијата не преземе решителни чекори за стратешко планирање и координација на мрежите и складиштата, ќе продолжиме да се движиме од една до друга криза.“
Европратениците подвлекуваат дека успешната реализација на енергетската транзиција не зависи само од технички и регулаторни аспекти, туку и од јавната поддршка и јасна комуникација со граѓаните. „Инфраструктурните проекти мора да бидат дел од севкупно европско планирање, што поврзува граници, сектори и региони,“ се наведува во извештајот.
Со оваа иницијатива, Европскиот парламент ја истакнува неопходноста од инфраструктура која може да ја поддржи зелената транзиција – не само на хартија, туку и на терен.
Извор: Европски Парламент