Европа подготвена за стабилна зима: ENTSO-E со позитивна прогноза за 2025–2026

Електроенергетскиот систем на Европа влегува во зимската сезона 2025–2026 со стабилни резерви, засиленo производство од обновливи извори и значително подобрена сигурност на снабдување, покажува најновиот извештај на ENTSO-E. Според проценките, поголемиот дел од континентот нема да се соочи со ризици од недостиг на електрична енергија во текот на зимата, благодарение на рекордниот раст на сончни и ветерни капацитети, високи хидро-резерви и поефикасна координација меѓу европските оператори.

Во последната година, Европа додала речиси 60 GW нови обновливи извори – доминираат над 50 GW нови фотонапонски капацитети и околу 14 GW ветерни турбини. Истовремено, хидро-резервоарите се на највисоко ниво во последните три години, што значително ја подобрува подготвеноста на системот за екстремно студени периоди. Продолжува и намалувањето на високо-јаглеродни електрани: капацитетите на јаглен, лигнит и мазут опаднале за речиси 12 GW.

Иако генералната слика е стабилна, извештајот посочува дека изолирани ризици и оваа зима може да се појават во неколку специфични зони. Кипар, Ирска и Малта, поради нивната ограничена или непостоечка поврзаност со континенталниот мрежен систем остануваат најподложни на краткорочни нарушувања при екстремни оптоварувања или ненадејни испади на производство. Мали ризици постојат и во Финска, Естонија и Литванија, особено при многу студени и денови без ветер, како и во Северна Ирска.

РЕКЛАМА

Украина, и покрај тоа што моделите покажуваат ограничени ризици, и понатаму останува под „високо ниво на неизвесност“ поради можни напади врз енергетската инфраструктура. Молдавија, пак, се соочува со дополнителни предизвици поради силната зависност од увоз од Романија и нестабилноста на мрежата преку регионот Транснистрa.

ENTSO-E го нагласува и значењето на историската промена што се случи во февруари 2025 година, кога балтичките држави, Естонија, Латвија и Литванија целосно се десинхронизираа од рускиот систем и преминаа на синхрона работа со континентална Европа, што го зајакна нивниот долгогодишен енергетски суверенитет.

Позитивните сигнали за оваа зима доаѓаат и од доменот на гасот. Пресметките за „критичниот обем на гас“ покажуваат дека Европа е далеку поотпорна отколку во 2022 година, бидејќи снабдувачките рути се диверзифицирани, складиштата се исполнети, а нуклеарните и хидро-капацитетите се во подобра состојба отколку во кризниот период.

Извештајот вклучува и преглед на летото 2025, кое беше едно од најтоплите досега. Иако не беа забележани поголеми ризици за адекватност, летото беше обележано со неколку сериозни инциденти, најзначајниот во Шпанија и Португалија во април, кога милиони корисници останаа без струја поради голем системски испад, класифициран како најтежок настан во последните две децении.

Општата оценка на ENTSO-E е дека Европа е добро подготвена да се справи со зимата 2025–2026, благодарение на силниот раст на обновливите извори, стабилните резерви, подобрената интерконекција и координацијата меѓу операторите. Иако одредени земји остануваат чувствителни на локални нарушувања, континенталниот систем како целина се очекува да ја помине зимата без големи проблеми.

Извор: ENTSO-E.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба