Европа го забавува проширувањето на ЛНГ капацитетите

Темпото на проширување на терминалите за увоз на течен природен гас (ЛНГ) во Европа значително се забавува, што укажува дека континентот можеби ја преценил идната побарувачка за гас, покажуваат податоците на Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA).

Според најновиот извештај European LNG Tracker, капацитетот за регасификација на ЛНГ во Европа пораснал за 13% во 2023 година и за 8% во 2024 година, но во 2025 се очекува зголемување од само 2%. IEEFA прогнозира дека до 2030 година вкупната потрошувачка на гас во Европа ќе се намали за 15%, а увозот на LNG за околу 20%.

Забавувањето следи по наглиот раст на зависноста од ЛНГ што настапи по прекинот на испораките на руски гас преку Украина на 1 јануари. Во првата половина од 2025 година, европскиот увоз на ЛНГ пораснал за 24% во однос на истиот период минатата година, додека САД ја зацврстија позицијата како главен снабдувач, а нивниот извоз кон Европа се зголемил за 46%, покривајќи 57% од вкупниот увоз на континентот.

РЕКЛАМА

Сепак, примерите од Германија и Франција укажуваат дека ЛНГ-бумот почнува да губи сила. Пловечкиот терминал во германското пристаниште Мукран престанал со работа само една година по пуштањето, а француски суд нареди отстранување на неактивната единица на TotalEnergies во Ле Хавр. Во Грција, технички проблем ја намалил искористеноста на еден терминал на само 2%, додека Германија изнајмила друг FSRU на Јордан поради доцнење со пуштање во употреба.

И покрај санкциите, увозот на руски LNG во Европа се зголемил за 2% во првата половина од 2025 година, достигнувајќи рекордно ниво. Најмногу од тие количини примиле Франција (41%), Белгија (28%), Шпанија (20%), Холандија (9%) и Португалија (2%). ЕУ планира целосна забрана на рускиот LNG во 2027 година.

Од почетокот на 2022 до јуни 2025 година, земјите од ЕУ потрошиле околу 120 милијарди евра за увоз на руски гас преку цевководи и ЛНГ, наведува IEEFA.

„Од 2022 година, Европа изгради или прошири 19 ЛНГ терминали за да ја намали зависноста од рускиот гас,“ изјави Ана Марија Халер-Макаревич, водечки енергетски аналитичар во IEEFA. „Но, последните откажувања и затворања покажуваат дека земјите можеби ја прецениле побарувачката за LNG. Продолжувањето на изградбата на нови терминали носи ризик од прекумерни и непотребни инвестиции во време кога енергетската транзиција забрзува.“

Извор: Ieefa.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба