Брисел. 02 Jуни 2025 – Европската Унија бележи историски пад на потрошувачката на енергија, при што со помалку ресурси се постигнуваат повеќе резултати, покажуваат најновите податоци од Евростат.
Во 2023 година, вкупната достапна енергија во ЕУ (т.н. gross available energy) опаднала за 4.1%, што е еквивалент на околу 380 милиони барели нафта – најниско ниво досега. Падот се припишува на повеќегодишни политики за енергетска ефикасност, поблаги зими и последиците од енергетската криза предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина.
И покрај намалената потрошувачка, Европа успева да одржи стабилно економско функционирање. што е јасен знак дека се прави повеќе со помалку.
Според Евростат, обновливите извори на енергија учествуваат со 19.5% во вкупната енергетска понуда на ЕУ, што претставува пораст од 31% во однос на 2013 година. Овој удел е речиси еднаков со уделот на природниот гас.
Скандинавските земји, Шведска, Финска и Данска – се предводници на зелената транзиција, со обновливи извори кои покриваат дури 40–50% од нивниот енергетски микс. Сепак, не сите членки се движат со иста брзина. Полска и Чешка остануваат силно зависни од јаглен, со цврсти горива што покриваат околу третина од нивната потрошувачка.
Од друга страна, податоците на Евростат покажуваат и дека Европската Унија произведува само околу 40% од енергијата што ја користи. Домашното производство е намалено за речиси 20% од 2013 година, додека 95% од нафтата и 90% од гасот се увезуваат – главно од Норвешка, САД, Алжир, Катар и во намален обем од Русија.
Транспортниот сектор е најголем потрошувач на енергија, со 32% од вкупната потрошувачка. Зад него се домаќинствата (26.3%) и индустријата (24.6%). Услугите и земјоделството заедно користат 9.1%, а преостанатите 8% одат за неенергетски цели, како што се суровини и лубриканти.
Иако податоците сугерираат значаен напредок во однос на енергетската ефикасност и употребата на обновливи извори, Европската Унија и понатаму се соочува со сериозна енергетска зависност од надворешни извори. Развојот на домашното производство и понатамошната декарбонизација на енергетскиот систем остануваат критични за долгорочната енергетска сигурност и климатските цели на Унијата.
Извор: Евростат