Eurelectric: Европската енергетска мрежа на раскрсница

Европската дистрибутивна мрежа се наоѓа на критична точка, предупредува здружението на европската електроиндустрија Eurelectric во пресрет на усвојувањето на долгоочекуваниот Пакт за мрежи во Брисел. Повеќе од една третина од нисконапонската мрежа на континентот веќе надминува 40 години старост, а доколку не се преземат системски мерки, овој удел до 2050 година би можел да достигне дури 90%.

Според Eurelectric, без брза модернизација, проширување и дигитализација, Европа ризикува да ги промаши сопствените климатски и енергетски цели. „Потребни се итни интервенции за мрежата да издржи во забрзаната електрификација“, предупредуваат од здружението.

Барања до Брисел: стабилни правила, поедноставени процедури и регионален пристап

Eurelectric веќе достави сет препораки до Европската комисија. Меѓу клучните барања се создавање предвидлив, стабилен и конкурентен регулаторен рамковен модел кој ќе овозможи привлечни приноси врз инвестициите и ќе го поттикне приватниот капитал.

РЕКЛАМА

Исто така, организацијата инсистира на значително скратување на бирократските процедури – од дозволи за градба до јавни набавки – како и на модел за планирање кој ги зема предвид локалните и регионалните специфики.

Инвестициите мора да се удвојат

Пресметките се алармантни. Во следните 25 години ќе биде потребно двојно повеќе да се вложува во дистрибутивните мрежи отколку денес. Според анализата „Grids for Speed“, Европската унија и Норвешка ќе треба да инвестираат околу 67 милијарди евра годишно сè до 2050 година.

Иако тарифите за мрежа ќе останат главниот извор на финансирање, Eurelectric смета дека е неопходно да се обезбедат дополнителни средства преку европските фондови, меѓу кои и инструментот Connecting Europe Facility. Паралелно, во регулативата за критична инфраструктура мора да се вклучат и сè поголемите трошоци за кибер-безбедност и зајакнување на отпорноста на системот.

Последици ако Европа задоцни: помалку топлински пумпи, електрични возила и соларни централи

Укинувањето или одложувањето на неопходните инвестициски циклуси би имало сериозни последици врз енергетската транзиција. Денес, 70% од новите капацитети за обновлива енергија, како и најголемиот дел од индустријата и домаќинствата, се поврзани токму на дистрибутивните мрежи.

Според сценаријата на Eurelectric, недоволниот развој на мрежата до 2050 година би можел да резултира со 190 милиони помалку топлински пумпи, 120 милиони помалку електрични возила и недостиг од 1.220 гигавати нови соларни капацитети на европско ниво.

Пораката е јасна

Европа е на енергетска раскрсница: без навремени и амбициозни инвестиции во дистрибутивната мрежа, климатските цели ќе останат само на хартија. Или, како што сумира Eurelectric, без силна мрежа, нема електрифицирана иднина.

Извор: Eurelectric.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба