Европската унија инсталирала 27,1 GWh нови капацитети за складирање енергија во батерии во 2025 година, што претставува 12-та последователна рекордна година за овој сектор, покажува извештајот EU Battery Storage Market Review 2025 на SolarPower Europe.
Според податоците, растот на пазарот изнесува 45% на годишно ниво, а вкупниот батериски капацитет во ЕУ достигнал 77,3 GWh, што е речиси десетпати повеќе во споредба со 2021 година. Главен двигател на растот се системите за складирање од големи размери, кои учествувале со 55% од новоинсталираниот капацитет.

Во исто време, домашните батериски системи бележат пад од 6%, на 9,8 GWh, втора година по ред. Причините се пониските цени на електричната енергија и намалените шеми за поддршка. Комерцијалните и индустриските системи растат умерено, но остануваат помал сегмент од пазарот.
Извештајот укажува и на напредокот во европското производство на батерии. Во 2025 година, ЕУ располага со 252 GWh номинален капацитет за производство на батериски ќелии, но и понатаму постојат значајни празнини во синџирот на снабдување, особено кај катодните и анодните материјали. Над 90% од постојниот производствен капацитет е насочен кон електрични возила, а не кон стационарно складирање.
SolarPower Europe предупредува дека за да ги исполни целите за енергетска флексибилност до 2030 година, ЕУ ќе мора повторно десеткратно да го зголеми батерискиот капацитет, до околу 750 GWh. Организацијата повикува на побрзи дозволи, отстранување на тарифните бариери, зајакнување на синџирите на снабдување и усогласување на безбедносните и еколошките стандарди.
„Батериите се клучни сојузници на обновливите извори и неопходни за стабилен и флексибилен енергетски систем“, се наведува во извештајот, кој нагласува дека забрзувањето на инвестициите во сите сегменти ќе биде пресудно за енергетската транзиција и конкурентноста на ЕУ.
Извор: SolarPowerEurope.org
