Брисел. 18 октомври 2025 – Европската комисија во текот на вчерашниот ден ја претстави новата „Глобална климатска и енергетска визија на ЕУ“ – стратегија која треба да ја зајакне позицијата на Европа во светската трка за чиста енергија и одржлив економски развој.
Стратегијата има за цел да ја утврди водечката улога на ЕУ во глобалната чиста индустриска транзиција, преку продлабочување на меѓународната соработка, создавање нови зелени партнерства и обезбедување фер и праведна транзиција кон нискојаглеродна економија.
Новата визија додава „надворешна димензија“ на Clean Industrial Deal – планот што Европската комисија го претстави во февруари годинава за декарбонизација и јакнење на индустриската конкурентност во рамките на Унијата. Овојпат, акцентот е ставен на глобалната соработка и поддршка на партнерските земји во развојот на сопствени чистоенергетски капацитети.
Главни цели и мерки
Според документот, стратегијата ќе се спроведува преку неколку приоритетни насоки:
- Политички ангажман и климатска дипломатија: Поттикнување на билатерални и мултилатерални форуми за исполнување на обврските од Парискиот договор и зајакнување на глобалната акција за климатска отпорност.
- Промоција на европските компании за чисти технологии: Организација на бизнис форуми и воспоставување надворешен Совет за чиста транзиција, кој ќе ги поврзува европските компании со меѓународни инвеститори.
- Поддршка на инвестиции во одржлива инфраструктура: Користење на инструментот Global Gateway Investment Hub за поттикнување заеднички проекти во трети земји, со цел проширување на пазарот за европски технологии и експертиза.
- Развој на фер и зелени синџири на снабдување: Создавање нови трговски и енергетски партнерства за зголемување на глобалната достапност на чисти технологии.
- Реформа на меѓународните финансиски институции: Прилагодување на глобалните финансиски механизми кон целите на чистата и отпорна транзиција.
Зголемување на производството и инвестициите
Половина од електричната енергија во Европската унија во 2024 година била произведена од обновливи извори, што значително ја зголемило енергетската независност на континентот. Од 2015 година досега, инвестициите во чиста енергија пораснале за 111%, а стратегијата предвидува ЕУ да обезбеди 15% од глобалниот пазар на чисти технологии.
Воедно, Унијата ќе ја продолжи промоцијата на системите за ценообразување на јаглеродот како клучен механизам за намалување на емисиите, поттикнување иновации и обезбедување праведна транзиција. За таа цел ќе биде формирана посебна работна група која ќе им помага на земјите партнери да развијат сопствени политики за јаглерод.
Фокус на безбедност и отпорност
Покрај економскиот аспект, визијата вклучува и јакнење на врската меѓу климатските промени, безбедноста и отпорноста, преку дејствување на мултилатерални платформи како Обединетите нации и НАТО. Комисијата најави и активности за борба против дезинформации и манипулации поврзани со климатските политики.
Изјави на европските претставници за новата стратегија
Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија:
„Енергетските ресурси денес се користат како оружје, додека климатските промени се забрзуваат. Енергијата е и ресурс и стратешка способност. Денес го утврдивме правецот на кој ќе се фокусира нашата климатска и енергетска дипломатија — од промовирање на европските компании за чисти технологии, до зголемување на инвестициите во глобални проекти за одржлива транзиција. Нашата порака е јасна: сакаме да ја обезбедиме енергетската сигурност на нашиот континент и да соработуваме со партнерите за заедничка иднина, заснована на чиста енергија и климатска отпорност.“
Тереса Рибера, извршна потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција:
„Светот има потреба од фер и зелена развојна стратегија – а Европа знае како да ја спроведе. Можеме да ги претвориме нашите вредности во вредност за општество отпорно на климатските промени. Европските компании со децении покажуваат дека високите социјални и еколошки стандарди водат до траен просперитет. Ние сме сигурен и доверлив партнер, подготвени да придонесеме за одржлив и отпорен напредок на глобално ниво.“
Вопке Хоекстра, комесар за клима, нето-нула емисии и чист раст:
„Денес преземаме посистематски и резултатски насочен пристап кон климатската и енергетската дипломатија. ЕУ докажа дека климатското дејствување и економскиот раст можат да одат рака под рака. Со зајакнување на глобалните партнерства сакаме да поттикнеме инвестиции во чисти технологии, да спроведеме реформи во финансирањето и да ја направиме чистата транзиција глобална приказна за успех.“
Дан Јоргенсен, комесар за енергетика и домување:
„Она што го претставуваме денес е промена на парадигмата во начинот на кој ЕУ ги гради односите со светот во областа на енергијата и климата. Ќе ја комбинираме дипломатијата со техничка поддршка, трговски инструменти, индустриска политика и финансиски механизми. Ќе бидеме понасочени кон резултати и кон создавање заемни економски придобивки, декарбонизација и енергетска безбедност. Нашите трговски односи ќе ги користиме за развој на повеќе чисти технологии и енергетски проекти – и во Европа, и со нашите соседи, и на глобално ниво.“
Извор: Европска комисија