Европската Унија би можела да воведе задолжителна координација и споделување на резервите на авионско гориво меѓу земјите-членки доколку дојде до сериозен недостиг, изјави денеска еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас.
По видеоконференцијата со министрите за транспорт на ЕУ, Цицикостас нагласи дека Унијата располага со итни резерви на авионско гориво, кои ќе бидат активирани само доколку е неопходно.
„Она што денес е доброволно, утре може да стане задолжително“, изјави тој, додавајќи дека секое национално ослободување на резерви мора да се спроведе транспарентно за да се избегнат нарушувања на пазарот.
Сепак, еврокомесарот порача дека во моментов „нема причина за паника“ во однос на достапноста на горивото во ЕУ.
Тој најави и можност за воведување минимална обврска за резерви на авионско гориво, со што земјите-членки би морале да одржуваат одредено ниво на стратешки залихи.
Според Цицикостас, новиот план AccelerateEU, што Европската комисија ќе го претстави денес како одговор на потресите на енергетскиот пазар, ќе предвиди формирање нова опсерваторија за горива, која првично ќе се фокусира на авионското гориво.
Покрај тоа, Брисел разгледува и алтернативни извори за снабдување, вклучително и увоз на тип А авионско гориво од САД. Сепак, американското гориво се разликува од меѓународниот стандард Jet A1, што би можело да го отежне неговиот увоз и користење во Европа.
Во меѓувреме, цените на авионското гориво во Европа се повеќе од двојно зголемени од почетокот на војната на Блискиот Исток, поради што дел од европските авиокомпании веќе откажуваат нерентабилни летови и ги повлекуваат постарите авиони со висока потрошувачка.
Германија најави дека во наредните денови ќе го свика Националниот совет за безбедност за да ја разгледа состојбата со снабдувањето со авионско гориво.
Извор: Politico.eu
