ЕУ: Работната група за Енергетска унија разгледува мерки за намалување на цените на енергијата

Брисел. 5 ноември 2025 – Работната група за Енергетска унија (EUTF) денес во Брисел одржа состанок на кој се разгледуваа мерки за намалување на високите цени на енергијата во Европската унија. Состанокот следи по повикот на лидерите на ЕУ на октомврискиот Европски совет за зајакнати заеднички активности во енергетскиот сектор.

На средбата учествуваа претставници од сите земји-членки и Европската комисија. Фокусот беше ставен на пакетот итни мерки што комесарот за енергија и домување, Дан Јоргенсен, ги презентираше пред енергетските министри минатиот месец.

Според Европската комисија, предложените мерки произлегуваат од Планот за достапна енергија и опфаќаат насочена употреба на државна помош и европски фондови за поддршка на енергетски проекти и индустрии со висока потрошувачка на енергија. Дополнително, предвидено е забрзување на административните постапки за нови енергетски инвестиции, подобро искористување и проширување на интерконекциите меѓу земјите, диверзификација на снабдувањето со гас, како и намалување на даноците и давачките на електричната енергија.

РЕКЛАМА

Според најновите податоци, просечната големопродажна цена на гасот во ЕУ моментално изнесува 30 до 35 евра по мегават-час, што е значително помалку од рекордните 150 до 300 евра во периодот на енергетската криза. Цената на електричната енергија, пак, паднала на околу 82 евра по мегават-час, далеку под врвните 400 евра. И покрај овој пад, цените остануваат историски високи.

Комисијата смета дека долгорочно решение лежи во поголема интеграција на обновливи и нуклеарни извори на енергија, како и во зајакнување на електроенергетската инфраструктура преку модерни мрежи, повеќе складишта и подобра меѓусебна поврзаност на системите.

На состанокот беше посочено и дека високите сметки за енергија не произлегуваат само од цените на струјата, туку и од даноците, таксите и трошоците за мрежата, кои влијаат врз конкурентноста на европската индустрија и врз буџетите на домаќинствата.

Работната група ги разгледа причините за тековните високи цени и веќе преземените мерки на национално и европско ниво. Европската комисија најави дека ќе продолжи да ја поддржува соработката меѓу земјите-членки преку оваа група, како и преку регионални и билатерални иницијативи.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба