Брисел. 29 март 2025 – Новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на извори во Европската комисија објавува дека Брисел подготвува измени на енергетските закони на ЕУ со цел да ја намали бирократијата и да го олесни работењето на индустријата.
Предложените измени се фокусираат на поедноставување на Директивата за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори на енергија, ветувајќи помал регулаторен товар за компаниите. И додека индустријата ја поздравува иницијативата, критичарите предупредуваат дека овие промени може да ја ослабат корпоративната одговорност и да внесат нестабилност во инвестициите.
Според извори запознаени со плановите, цитирани од Ројтерс, Брисел ја разгледува оваа реформа како дел од следниот пакет предлози за олеснување на регулаторниот притисок врз европските индустрии, кои се борат да останат конкурентни. Иницијативата доаѓа како одговор на поплаките од компаниите дека сложените бирократски процедури ги ставаат во неповолна позиција во споредба со Кина и САД, каде администрацијата на Доналд Трамп интензивно ги укинува регулативите.
По првиот бран „омнибус поедноставувања“ минатиот месец, насочен кон намалување на обврските за извештај за одржливост, Комисијата сега ги анализира можностите за реформа на енергетската политика. Според Рoјтерс, пет извори потврдиле дека разговорите се во рана фаза, но дека измените би можеле да станат дел од пакетот за поддршка на малите и средни претпријатија, кој првично е планиран за април. Сепак, два извора навестуваат дека објавувањето може да се одложи за мај.
Меѓу клучните теми на маса е Директивата за енергетска ефикасност, која поставува обврзувачки цели за намалување на потрошувачката на енергија во ЕУ. Оваа директива бара од компаниите да спроведуваат ревизии на енергетската потрошувачка, а од поголемите фирми и изработка на планови за управување со енергијата. Истовремено, извор на Ројтерс, открива дека се разгледува и поедноставување на Законот за обновливи извори на енергија – еден од столбовите на климатската политика на ЕУ, кој дефинира цели за зголемување на уделот на зелената енергија.
Портпаролот на Европската комисија одби да коментира дали енергетските прописи ќе бидат во фокусот на следниот пакет. Сепак, иницијативата ужива силна поддршка од индустријата, која смета дека сложените регулативи ја нарушуваат конкурентноста и ги пренасочуваат ресурсите од иновации кон административни обврски.
Од друга страна, предлозите наидоа на остри критики од инвеститори, левичарски законодавци и активисти. Тие предупредуваат дека првиот бран измени може да ја поткопа корпоративната одговорност и да создаде несигурност за инвестициите со укинување на неодамна усвоени закони.
Извор: EU targeting energy laws in drive to cut red tape, sources say