Брисел. 11 јуни 2025 — Европската комисија предложи значително намалување на ценовниот лимит за руската нафта, со цел дополнително да го ограничи финансискиот капацитет на Москва да ја продолжи воената агресија врз Украина. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека ќе го предложи намалувањето на цената од сегашните 60 на 45 долари за барел.
Ценовниот лимит од 60 долари беше воведен од Г7 во декември 2022 година, кога цената на нафтата надминуваше 100 долари по барел, со цел да се намалат приходите на Русија од фосилни горива. Но, падот на глобалната цена на нафтата, која во април годинава достигна четиригодишен минимум од 59.77 долари ја направи оваа мерка безначајна.
„Со ова намалување ќе ја вратиме ефикасноста на мерката“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција, нагласувајќи дека нафтениот извоз сочинува околу една третина од буџетските приходи на руската влада. „Мораме да го пресечеме овој извор на приходи“, додаде таа.
Очекувањата се дека Г7 ќе го прифати новиот, понизок лимит, и покрај политичката неизвесност околу ставот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за санкциите кон Русија. Лидерите на Г7, вклучително и фон дер Лајен, ќе ја разгледуваат оваа иницијатива на самитот во Канада следната недела.
Фон дер Лајен, повикувајќи се на нејзиниот неодамнешен разговор со републиканскиот сенатор Линдзи Греем, изјави дека постои согласност дека „масивните санкции“ се клучни за да се натера Русија да седне на преговарачка маса и да работи кон праведен и одржлив мир.
Инаку, во рамките на предложениот 18-ти пакет санкции против Русија, Европската комисија предлага и остри мерки против т.н. „ танкерска флота во сенка“, составен од стотици стари и лошо одржувани бродови преку кои Москва успева да извезува нафта по цена над западниот лимит, особено кон земји како Индија.
За првпат, Брисел предлага и санкции против капетан на еден ваков танкер, индиски државјанин, со цел да се испрати порака дека ангажманот во овие активности носи сериозни последици. Во нацрт-документот е наведено дека ќе бидат додадени уште 70 вакви бродови на листата со санкционирани, со што бројот ќе надмине 400.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека санкциите веќе имаат ефект. „Кога се санкционирани, танкерите од флотата во сенка, не можат да пристанат во пристаништата, и Русија мора да најде нови бродови — што ја чини повеќе и ги намалува нивните профити“, рече Калас.
Според податоци на ЕУ, по усвојувањето на последниот пакет санкции во мај, кој опфати забрана за влез во ЕУ пристаништа за 189 нови сенковни бродови и ограничување на пристапот до осигурување и други услуги, извозот на руска нафта преку Црното и Балтичкото Море се намалил за 30% за само една недела.
Комисијата, исто така, предлага рестрикции за деловно работење со компании поврзани со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, и покрај тоа што првиот е надвор од употреба по саботажа, а вториот никогаш не беше пуштен во функција. Целта е, како што посочуваат официјалните лица од ЕУ, да се обесхрабрат можните идни инвестиции и враќање кон „нормални“ бизнис релации со Русија.
Предлозите треба едногласно да бидат усвоени од сите 27 земји членки на ЕУ.
Извор: The Guardian