ЕУ подготвена за зимата: Гасоводниот систем стабилен и без руски гас

Брисел. 10 октомври 2025 – Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSOG) го објави зимскиот извештај за снабдување со гас за сезоната 2025/26, како и преглед на минатата зима 2024/25. Анализата потврдува дека европскиот гасоводен систем останува стабилен дури и при долготрајни прекини на снабдување, вклучително и целосен прекин на увозот на руски гас.

На 1 октомври, капацитетот на складиштата за природен гас во ЕУ бил исполнет со 83%, односно 943 TWh — околу 10% помалку од истиот период минатата година. Во зимата 2024/25, 31% од потребите за гас биле обезбедени од складиштата, што повторно ја потврдува нивната клучна улога во енергетската безбедност.

Главните извори на снабдување за земјите членки на ЕУ и земјите од Енергетската заедница остануваат течниот природен гас (LNG) и гасот од Норвешка. ENTSOG оценува дека, со доволна достапност на LNG, европската мрежа може да ја задоволи побарувачката и да задржи над 30 проценти од складишниот капацитет до крајот на зимата.

РЕКЛАМА

Дури и при целосен прекин на руски гас преку гасоводите, европската инфраструктура би останала сигурна, иако би било потребно поинтензивно користење на складиштата. Извештајот предупредува дека е клучно да се избегне прерано празнење на резервите за да се зачува флексибилноста.

Симулациите на екстремни сценарија — како студени зими, ниско почетно ниво на складишта или прекини во снабдувањето, укажуваат на можни тесни грла во транспортот на гас од запад кон исток, што може да влијае врз источна Европа. Во случај на оштетување на инфраструктурата или прекин на увоз од Алжир, би биле потребни дополнителни извори, мерки за намалување на побарувачката и засилена меѓудржавна соработка.

Во услови на ограничено снабдување со руски и LNG гас, политички и ценовни мерки би овозможиле задржување на потребното ниво на резерви. Координацијата меѓу земјите и мерките за рационална потрошувачка би помогнале складиштата да се наполнат навреме за следната сезона.

ENTSOG укажува и на можноста за користење на складишта во Украина, што би ја зголемило флексибилноста на системот и би ја подобрило поврзаноста меѓу централна и југоисточна Европа.

„Извештајот носи добри вести на почетокот на грејната сезона – ЕУ е добро подготвена за претстојната зима. Системот е отпорен дури и на целосен прекин на рускиот гас. Нашите навремени подготовки, диверзификацијата и полнењето на складиштата даваат резултати“, изјави европскиот комесар за енергија и домување, Дан Јоргенсен.

Со тоа, Европската унија потврдува дека чекор по чекор ја заокружува својата енергетска независност од рускиот гас.

Извор: ENTSOG.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба