Брисел. 2 декември 2025 – Европската комисија во текот на вчерашниот ден одобри 235 прекугранични енергетски проекти што ќе добијат статус на Проекти од заеднички интерес (PCI) и Проекти од взаемен интерес (PMI). Ова е втора ваква листа од 2023 година наваму. Со овој статус, проектите добиваат пристап до европско финансирање преку Механизмот за поврзување на Европа и забрзани постапки за одобрување и регулација.
Според Комисијата, проектите ќе ја зајакнат енергетската поврзаност на Европа и ќе придонесат за завршување на Енергетската унија. Преку нови и модернизирани интерконекции во ЕУ и со соседните земји, ќе се поттикне конкурентноста, декарбонизацијата и енергетската безбедност.
Европските потреби за инвестиции во енергетска инфраструктура, во електрични, хидрогенски и CO₂-мрежи се проценуваат на речиси 1,5 билиони евра во периодот 2024–2040 година, а одобрените проекти ќе придонесат кон исполнување на тие цели.
Листата опфаќа:
- 113 проекти за електрични мрежи, офшор-инфраструктура и „паметни“ електрични системи;
- 100 хидрогенски и електролизерски проекти;
- 17 инфраструктури за транспорт на јаглерод;
- 3 проекти за дигитализација на гасната мрежа;
- 2 постојни проекти што ги поврзуваат Малта и Кипар со европската гасна мрежа.
Комисијата најави засилена политичка координација со земјите-членки за побрза реализација на проектите, како и претстојно претставување на Европскиот пакет за мрежи и иницијативата „Енергетски автопати“, насочени кон елиминирање на инфраструктурните тесни грла.
Новата листа ќе биде доставена до Европскиот парламент и Советот како Делегиран акт. Институциите имаат рок од два месеца да ја прифатат или одбијат во целост, без право на измени.
Оваа недела Комисијата ги организира „PCI Energy Days“, посветени на практичната имплементација на проектите, со учество на комесарот за енергетика и домување Дан Јоргенсен.
PCI и PMI проектите се клучни за создавање интегриран, сигурен и климатски неутрален енергетски систем во ЕУ. Од 2014 година, инструментот CEF-Energy обезбеди 8 милијарди евра за стратешки енергетски иницијативи, а Комисијата предлага значително зголемување на буџетот во следната финансиска рамка.
Извор: Европска комисија
