ЕУ: Нуклеарната енергија и природниот гас остануваат во „зелената транзиција“

Луксембург. 15 Септмври 2025 – Нуклеарната енергија и природниот гас ќе продолжат да се третираат како одржливи инвестиции во рамките на Европската унија, по одлуката на Општиот суд на Европскиот суд на правдата со која беше отфрлена тужбата на Австрија против Европската комисија. Пресудата, која предизвикува жестоки реакции, може да отвори пат за милијарди евра во финансирање на енергетски проекти што дел од јавноста и еколошките организации не ги сметаат за навистина „зелени“.

Европската комисија во 2022 година усвои регулатива со која во европската таксономија – системот за класификација на одржливи економски активности – беа вклучени одредени проекти од областа на нуклеарната енергија и природниот гас. Целта беше да се овозможи т.н. транзициско финансирање за земјите што се наоѓаат на различни почетни позиции во развојот на обновливи извори.

Австрија, која нема нуклеарни централи и е силен противник на атомската енергија, ја оспори одлуката со образложение дека таа „ја отвора вратата за зелено перење на штетни и опасни технологии“. Луксембург ѝ даде поддршка во постапката, додека Комисијата ја бранеа повеќе земји, меѓу кои Франција, Полска, Унгарија и Чешка, држави со силен интерес за нуклеарна енергија.

РЕКЛАМА

Општиот суд во Луксембург оцени дека Европската комисија не ги надминала своите овластувања со вклучувањето на нуклеарната енергија и гасот во листата. Судот прифати дека овие извори, под строго утврдени услови, можат да придонесат кон ублажување и адаптација на климатските промени.

„Судот ја потврди законитоста на утврдените критериуми за одржливост“, соопшти Европската комисија по објавувањето на пресудата. Според Брисел, европските компании сè повеќе ја користат оваа класификација за насочување на зелени инвестиции во вредност од стотици милијарди евра.

Индустриската асоцијација „nucleareurope“ оцени дека одлуката ќе охрабри приватни вложувања во нуклеарни проекти и ќе ја забрза енергетската транзиција.

Но, во Австрија пресудата беше дочекана со разочарување. Леоноре Гевеслер, пратеничка од Зелените и поранешна министерка за животна средина која ја покрена тужбата во 2022 година, побара од австриската влада да поднесе жалба.

„Оваа пресуда испраќа катастрофален сигнал до целата ЕУ. Ако остане вака, тогаш таму каде што пишува „зелено“ повеќе нема да биде навистина зелено. Наместо во сигурни обновливи извори, парите може да завршат во скапи и ризични реактори или во фосилни горива,“ изјави таа.

Европската унија постави амбициозна цел – да стане климатски неутрална до 2050 година. Тоа значи дека емисиите на стакленички гасови ќе мора да бидат целосно компензирани со нивно намалување или отстранување од атмосферата. За да се постигне тоа, ЕУ во 2020 воспостави правна рамка за насочување на инвестициите во проекти што придонесуваат за климатска адаптација и намалување на емисиите.

Сепак, прашањето дали нуклеарната енергија и природниот гас треба да бидат дел од овој пат останува длабоко поделено меѓу земјите членки. Додека за едни тие претставуваат неопходна транзициска алатка, за други тие се закана за довербата во европската зелена политика.

Пресудата на Општиот суд, иако ја потврди позицијата на Комисијата, веројатно нема да стави крај на дебатата, особено ако Австрија реши да ја обжали одлуката пред Европскиот суд на правдата.

Извор: Associated Press

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба