Европската унија нема да ги поддржи евентуалните американски инвестиции во Босна и Херцеговина што се засноваат на експлоатација на фосилни горива, вклучително и проектот за гасоводот „Јужна интерконекција“, соопшти Делегацијата на ЕУ во Сараево.
Брисел останува на ставот дека приоритет треба да имаат проекти засновани на обновливи извори на енергија, додека изградбата на нови гасоводи не е во согласност со тие цели.
„Енергетската политика на ЕУ се темели на премин кон чиста енергија и постигнување климатска неутралност до 2050 година. Ова е важен елемент од процесот на пристапување кон ЕУ, но и можност за модернизација на енергетскиот сектор и зајакнување на долгорочната енергетска сигурност на БиХ“, се наведува во реакцијата на Делегацијата.
Проектот „Јужна интерконекција“ предвидува изградба на гасовод од Загвозд во Хрватска до Посушје во Херцеговина, со краци кон Мостар и Нови Травник. Со тоа БиХ би добила пристап до терминалот за течен природен гас на Крк и можност за увоз на гас од САД, со што би се намалила целосната зависност од руски гас. Вредноста на проектот се проценува на околу 500 милиони евра, а властите планираат гасоводот да биде оперативен до крајот на 2027 година.
Законот за „Јужна интерконекција“ беше усвоен во Парламентот на Федерацијата БиХ во јануари 2025 година, со директен ангажман на тогашниот американски амбасадор во Сараево, Мајкл Марфи. Реализацијата потоа беше блокирана поради несогласувања околу тоа која компанија ќе го реализира проектот. По повторниот ангажман на американската амбасада и посредувањето од страна на претставници блиски до администрацијата на Доналд Трамп, политичките партии постигнаа договор изградбата и управувањето да ѝ се доверат на американска приватна компанија со концесија од најмалку 30 години.
Интерес за проектот досега покажаа градежниот гигант „Бехтел“ и компанијата AAFS Infrastructure and Energy LLC, поврзувана со лица блиски до кругот на Трамп.
Од Делегацијата на ЕУ децидно порачуваат дека БиХ не може да смета на финансиска поддршка од Унијата за проекти што би ја зголемиле долгорочната зависност од фосилни горива и би биле спротивни на климатските цели.
Босна и Херцеговина и понатаму значително се потпира на фосилни горива, особено јаглен, во производството на електрична енергија. Од почетокот на годинава земјата плаќа и такса во рамки на европскиот Механизам за прилагодување на јаглеродните граници (CBAM), со кој се оданочуваат производи увезени во ЕУ доколку при нивното производство се емитирал јаглерод.
Иако ЕУ го третира природниот гас како преодно решение во енергетската транзиција, неговата употреба, според европската политика, треба постепено да се намалува со зголемувањето на уделот на обновливи извори на енергија.
Извор: Jutarnji.hr
