ЕУ најави стратешка реформа за надминување на тесните грла во енергетската мрежа

Европската унија подготвува радикална промена во начинот на кој се планира и гради прекуграничната енергетска мрежа, откако стана јасно дека сегашните тесни грла ја забавуваат енергетската транзиција и ѝ носат на Европа милијарди евра загуби годишно.

Комесарот за енергија Дан Јоргенсен предупреди дека недоволната изградба на преносната мрежа е „најголемата закана“ за климатските и безбедносните цели на ЕУ. „Губиме милијарди поради ограничувања и пренатрупаност. Апсурдно е што единствениот европски пазар подобро функционира за домати отколку за енергија“, изјави тој.

Регулаторот ACER проценува дека загубите од мрежни блокади изнесувале 5,2 милијарди евра во 2022 година и може да достигнат 26 милијарди до 2030 година, доколку не се преземат мерки.

РЕКЛАМА

Во обид да го промени тоа, Брисел воведува нов „топ-даун“ модел: Комисијата ќе подготви централен европски план што ќе ги мапира најкритичните инвестициони празнини и ќе предложи конкретни проекти за нивно надминување. Овој пристап треба да ја подобри координацијата меѓу државите, особено со оглед на брзиот раст на ветерната и соларната енергија, кои бараат пофлексибилни и разгранети мрежни капацитети.

Нацрт-документот што ќе биде презентиран оваа среда најавува создавање „сеопфатно европско сценарио“ за енергетска инфраструктура, како и процес на „пополнување празнини“ за проекти што земјите самостојно не ги иницираат. Според анализи, подобрата координација би можела да ѝ заштеди на Унијата над 560 милијарди евра меѓу 2030 и 2050 година.

Последните настани како блекаутот на Пиринејскиот полуостров и ценовните турбуленции во Грција, ја засилија поддршката за посилна улога на ЕУ. Комисијата ќе предложи и европско поедноставување на дозволите, кои денес често ја кочат изградбата со години.

Но дел од пратениците предупредуваат дека забрзувањето не смее да оди на штета на еколошките стандарди, ниту да создава правна несигурност со „претпоставено одобрување“ на проекти.

Новиот пристап прво ќе се тестира на осум клучни „енергетски автопатишта“, меѓу кои интерконектори преку Пиринеите, врски меѓу Кипар и континентална Европа и водородни гасоводи во јужниот дел на ЕУ. Ќе следи и упатство за државите членки како да ги приоретизираат најважните проекти за приклучување на мрежата и да ги скратат листите на чекање, кои во некои земји траат со години и доведуваат до рестрикции.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба