Брисел. 11 декември 2025 – Европската комисија во текот на вчерашниот ден го претстави најобемниот досегашен пакет мерки за обновување на енергетската инфраструктура – „Европскиот пакет за електромрежи“ и иницијативата „Енергетски автопати“. Планот предвидува системска модернизација на мрежите во сите држави членки со цел да се интегрираат поголеми количини евтина, чиста енергија, да се подобри сигурноста на снабдувањето и да се намали зависноста од руските фосилни горива.
Пакетот внесува суштинска промена во начинот на кој се планираат и се градат енергетските мрежи. Наместо досегашниот доминантен национален пристап, се предлага целосно европски модел што ќе овозможи попрецизно координирање на трансмисионите и дистрибутивните системи меѓу државите.
Меѓу клучните елементи се:
- забрзани процедури за издавање дозволи, особено за проекти со прекугранично значење;
- подобрена трансепропска координација при планирањето на инвестиции;
- поправедно распределување на трошоците, со оглед на тоа што придобивките од модернизираните мрежи често ги надминуваат границите на државата во која се гради инфраструктурата;
- нови механизми за финансирање, како групирање проекти преку специјални финансиски структури, што ќе го олесни привлекувањето на приватни инвестиции.
Комисијата нагласува дека модернизацијата е неопходна за да се искористат постојните капацитети и да се одговори на растечката побарувачка за електрификација, особено во транспортот и индустријата.
Осум „Енергетски автопати“ – стратешки проекти за брза реализација
Комисијата, врз основа на политичката и економската важност, избра осум проекти кои ќе добијат статус на европски приоритет. Овие таканаречени „Енергетски автопати“ треба да ги поврзат клучните енергетски пазари и да го олеснат движењето на енергија низ ЕУ, со што ќе се намали разликата во цените на струјата меѓу државите.
За нив Комисијата ќе воспостави:
- засилена координација меѓу националните влади,
- вклучување на европски координатори за следење на напредокот,
- соработка со држави надвор од Унијата, ако проектите тоа го бараат.
Од Брисел најавуваат дека овие проекти ќе бидат истовремено приоритет и на европско и на национално ниво, што треба значително да го забрза нивното одобрување и реализација.
Високите цени на струјата – сигнал за забрзување на инвестициите
Според најновите податоци, ЕУ и понатаму се соочува со сериозни разлики во цените на електричната енергија. Во првата половина од 2025 година, цената за домаќинствата се движела од 0,3835 €/kWh во Германија до 0,1040 €/kWh во Унгарија. Кај индустријата разликите се слично големи.
Комисијата оценува дека високите цени се директна последица на слабата меѓусебна поврзаност, недоволната интеграција на обновливите извори и големата зависност од увоз: 98% од нафтата и гасот што ги користат државите членки се увезуваат, што ги изложува на геополитички ризици и нестабилни пазарни цени.
За да го надмине инфраструктурниот јаз, Комисијата предлага петкратно зголемување на средствата за CEF Energy во буџетскиот период 2028–2034 – од 5,84 на 29,91 милијарди евра. Ова ќе биде надополнето со нова Стратегија за инвестиции во чиста енергија, која има цел да мобилизира приватен капитал во секторот.
Извршната потпретседателка Тереза Рибера нагласи дека модернизацијата на мрежите е „клучна за создавање Европа со поевтина, сигурна и чиста енергија“, додавајќи дека пакетот ја зацврстува отпорноста на ЕУ на ценовни шокови и нестабилни пазари.
Комесарот за енергетика и домување Дан Јоргенсен истакна дека силна, независна Европа е можно да се постигне само со „модерна, целосно поврзана инфраструктура што ќе овозможи домашната чиста енергија да тече без пречки во сите делови на Унијата“.
Согласно праксата, предлозите ќе продолжат во законодавна процедура пред Европскиот парламент и Советот. Паралелно, Комисијата ќе работи со земјите членки на спроведување на најважните прекугранични проекти и на забрзување на дозволите за обновливи извори, складишта и инфраструктура за полнење електрични возила.
Извор: Европска комисија
