Брисел. 23 октомври 2025 – Во текот на вчерашниот ден, министрите за енергетика на Европската унија постигнаа договор за новите правила со кои ќе се прекине увозот на руски гас, вклучувајќи и гас преку цевководи и течен природен гас (ЛНГ). Според усвоениот општ пристап на состанокот на Советот за транспорт, телекомуникации и енергија, целосното укинување на рускиот гас е планирано до 2028 година.
„Со овој договор испраќаме јасна порака: Европа одбива да биде ранлива на енергетски уцени. Со укинувањето на рускиот гас го зајакнуваме енергетскиот суверенитет и правиме решителен чекор кон стратешка независност и чиста енергетска иднина,“ изјави данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги Ларс Аагаард.
Новата регулатива предвидува правно обврзувачка забрана за увоз на руски гас во две фази: веќе следната година забраната ќе се однесува на краткорочните договори, додека целосниот прекин на увозот ќе стапи во сила на 1 јануари 2028 година.
Земјите-членки исто така се согласија да ги заострат контролите на потеклото на гасот и да воведат процедури за претходно одобрување, со цел да се обезбеди усогласеност со новите правила. Паралелно, ќе се поедностават процедурите за увоз на гас од трети земји кои ги исполнуваат одредени критериуми, како забрана на руски увоз или недостаток на инфраструктура за прием на руски гас.
По овој договор, претседателството на Советот може да започне преговори со Европскиот парламент за усогласување на конечниот текст на регулативата.
