Брисел. 17 март 2025 – Министрите за енергија на Европската Унија, на состанокот на Советот за транспорт, телекомуникации и енергија, одржан денеска во Брисел, ја поздравија иницијативата за акционен план за достапна енергија, усвоен од Европската комисија на 26 февруари. Овој план, дел од договорот за чиста индустрија, има за цел да ги намали трошоците за енергија, да ја заокружи Енергетската унија и да обезбеди стабилност во услови на потенцијални кризи.
Министрите ја истакнаа итноста за спроведување на мерките, фокусирајќи се на среднорочни и долгорочни решенија, како создавање на вистинска Енергетска унија. Тие побараа поголема јасност околу краткорочните мерки, како намалување на даноците и таксите, но нагласија дека овие одлуки остануваат во национална надлежност.
„Енергетската безбедност е приоритет на полското претседателство. Таа е клучна за стабилна и достапна енергија за домаќинствата и индустријата, што ја зајакнува конкурентноста на ЕУ“, изјави Паулина Хениг-Клоска, полска министерка за клима и животна средина, нагласувајќи ја новата рамка за енергетска безбедност што ќе штити економијата и инфраструктурата.
Дел од министрите предложија модернизација на мрежите и интерконекторите за подобра поврзаност, со акцент на забрзано издавање дозволи преку постоечките регулативи. Идејата за одвојување на цените на електричната енергија од гасот доби поддршка, а беше отворена и дискусија за развој на капацитетните пазари. Технолошката неутралност во планот беше поздравена, иако некои министри инсистираа на приоритет за обновливите извори. Пилот-програмата на Европската инвестициска банка за долгорочни договори за електрична енергија беше издвоена како чекор кон стабилни цени.
Енергетската безбедност на ЕУ во фокус
Министрите разговараа и за ажурирање на регулативите за снабдување со гас и подготвеност за ризици во електроенергетскиот сектор. Повлекувајќи поуки од енергетската криза, тие се заложија за координација и диверзификација, приспособувајќи ги правилата на новите геополитички и климатски предизвици. Единствена рамка за гасот и електричната енергија не доби поддршка, но беше побарано усогласување на пристапите.

Итно објавување на патоказот REPowerEU за прекин на увозот на руски горива беше меѓу клучните барања, додека за регулативата за складирање гас се побара флексибилност и детална анализа. Министрите ја нагласија и потребата од заштита на критичната инфраструктура, особено во услови на уништување или природни катастрофи, каде ЕУ може да одигра поголема улога. Овие теми ќе бидат финализирани со заклучоци во јуни.
Украина бара поддршка, ЕУ ветува солидарност
Украинскиот министер за енергија, Герман Галушченко, ја презентираше тешката ситуација во земјата, каде руските напади уништија 60% од производните капанитети и предизвикаа над 63.000 оштетувања на енергетската инфраструктура од 2022 година. Тој побара противвоздушна одбрана и економични решенија за заштита, додека Украина напредува со обновливи извори и интеграција во пазарот на ЕУ.
ЕУ министрите изразија целосна солидарност, ветувајќи поддршка за обезбедување енергија и греење за Украинците, како и нивна поголема поврзаност со европскиот енергетски систем.
Заштита на инфраструктурата и пазарни трендови
На неформален ручек, министрите, заедно со претставници на ENTSO-G и ENTSO-E, дискутираа за заштита на критичната инфраструктура. Кристијан Цинглерсен од Агенцијата на ЕУ за енергетски регулатори ги информираше за пазарните трендови, предизвиците за конкурентност и потребата од прекугранична соработка.
Советот се обврза да продолжи со напорите за поевтина и побезбедна енергија, ставајќи ја енергетската стабилност во срцето на европската агенда.
Извор: Европска Комисија