Европските лидери во денес ќе одржат подготвителен состанок преку видеоконференција посветен на поедноставување на регулативите и на растечките енергетски цени во Европската унија, пренесува магазинот Политико, повикувајќи се на тројца европски дипломати.
Средбата е организирана од страна на Германија, Белгија и Италија и има за цел да ја подготви агендата за следниот самит на Европскиот совет, кој е закажан за 19 март.
Според дипломатски извори, на состанокот се очекува да учествуваат „двоцифрен број“ европски лидери, но до понеделникот вечерта сè уште не беше потврден точниот список на учесници.
Иако намалувањето на административните процедури долго време е приоритет за европските влади, наглиот раст на цените на енергенсите ги принуди лидерите на ЕУ итно да бараат решенија за да се избегне поширока економска криза.
Цената на нафтата во понеделникот ја надмина границата од 100 долари за барел, во услови на ескалација на војната на Блискиот Исток, која влезе во втората недела по американските и израелските напади врз Иран.
Паралелно со тоа, министрите за финансии на Г7, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, САД и Обединетото Кралство одржаа разговори за можна координирана интервенција со ослободување на стратешките резерви на нафта, со цел да се спречи нов инфлаторен шок во светската економија.
Германија, Белгија и Италија и претходно организираа слична средба пред февруарскиот Европски совет во Алден Бизен, кој беше фокусиран на намалување на бирократијата за компаниите.
По тој самит, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, најави дека ќе претстави акциски план за зајакнување на економијата на ЕУ на претстојниот мартовски состанок.
Извор: Politico.eu
