Брисел. 10 декември 2025 – Работната група за Енергетска унија (EUTF) во текот на вчарашниот ден одржа состанок на кој разгледа два клучни предизвици во европската енергетика: примената на регулативата за метан и состојбата со енергетските цени. На средбата учествуваа претставници од сите земји-членки, како и од Европската комисија, кои ја потврдија заложбата за обезбедување достапна, сигурна и одржлива енергија.
Состанокот се одржа во пресрет на Советот за транспорт, телекомуникации и енергија (ТТЕ) на 15 декември, каде дел од темите ќе бидат разгледувани и од енергетските министри. Работната група е дел од активностите што произлегоа од заклучоците на Европскиот совет од 23 октомври 2025 за забрзување на обезбедувањето чиста и прифатлива енергија и градење вистинска Енергетска унија до 2030 година.
Во делот за регулативата за метан, учесниците дискутираа за практичната примена, со фокус на исполнувањето на условите за увоз и на вклучувањето на безбедноста на снабдување при утврдување казнени режими. Комисијата потсети дека надлежните органи веќе усвоиле две изводливи решенија за докажување усогласеност со барањата за увозници, оценувајќи ги како веродостојни. Земјите-членки и Комисијата се согласија дека санкциите мора да бидат воспоставени без да се загрози сигурноста на снабдување.
Во однос на цените, беше истакнато дека гасот во просек изнесува околу 27 евра за мегават-час, што е блиску до нивото пред ценовниот скок во 2021 година. Просечната цена на електричната енергија се движи околу 83 евра за мегават-час, со значајни разлики меѓу пазарите во Европа. Иако енергетската криза е надмината, EUTF оцени дека се потребни континуирани политики за подобра пристапност. Земјите-членки ги споделија своите искуства – од користење двонасочни договори за разлики и долгорочни договори за набавка на струја, до поттикнување складирање енергија, намалување даночни оптоварувања и развој на механизми за одговор на побарувачката.
Работната група ќе продолжи да заседава и во 2026 година, фокусирајќи се на најголемите предизвици поврзани со завршување на Енергетската унија и стабилизирање на енергетските цени.
EUTF е воспоставена во рамки на Планот за достапна енергија и функционира од јуни 2025 година. Таа ги обединува високите претставници за енергетска политика од земјите-членки и Комисијата. Денешниот состанок следува по дискусиите од 4 ноември за мерки за намалување на трошоците за енергија и јакнење на индустриската конкурентност, како и по средбите од 28 ноември и 4 декември посветени на државната помош, оданочувањето на електричната енергија и нејзиното влијание врз енергетската достапност.
Извор: Европска комисија
