Брисел. 9 октомври 2025 – Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во средата постигнаа договор да го поддржат планот на Унијата за целосно укинување на увозот на руска нафта и гас до 2028 година, со што е надмината првата политичка пречка кон усвојувањето на законот, потврдија европски дипломати.
Предлогот, кој треба да се најде пред министрите на состанокот на 20 октомври, предвидува постепено укинување на руските енергенси до јануари 2028 година, со цел да се оневозможи Кремљ со тие приходи да ја финансира војната во Украина.
Според дипломатски извори, речиси сите земји од ЕУ дале сигнал за поддршка на мерката, што укажува на лесно усвојување, и покрај противењето од Унгарија и Словачка, кои имаат блиски економски врски со Москва.
Во тек се преговори околу техничките детали, меѓу кои и прашањето дали транспортите на течен природен гас (LNG) треба однапред да бидат одобрени и проверени од царинските органи при пристигнување во ЕУ, за да се спречи внес на руски енергенси преку посредници.
Франција и Италија ја поддржуваат забраната, но бараат јасен механизам – или претходна дозвола, или задолжителна проверка при пристигнување на товарите, велат дипломатите.
Доколку биде усвоен, законот ќе стави крај на децениската зависност на Европа од руската енергија. Според планот, новите договори за увоз на руски гас ќе бидат укинати од јануари 2026 година, краткорочните договори од јуни истата година, а долгорочните до јануари 2028 година.
Во моментов, Унгарија, Франција и Белгија сè уште увезуваат руски гас, кој сочинува околу 12% од вкупниот увоз на гас во ЕУ – значително помалку од 45% пред инвазијата на Украина во 2022 година.
Законот ќе ги обврзе Унгарија и Словачка, единствените земји што сè уште увезуваат руска нафта, да изработат национални планови за прекин на увозот до 2028 година.
За усвојување на планот потребно е квалификувано мнозинство – односно поддршка од најмалку 55% од земјите-членки. Потоа ќе следат преговори со Европскиот парламент за конечно усвојување на законот.
Паралелно, ЕУ подготвува нов пакет санкции против Русија, кој предвидува забрана за увоз на течен природен гас една година порано – од јануари 2027 година.
Извор: Ројтерс