ЕУ бара заеднички одговор на енергетската криза поради војната со Иран

Министрите за енергетика на Европска Унија ќе одржат итен состанок за координација на одговорот на нарушувањата на пазарите на нафта и гас предизвикани од војната со Иран.

Видео-конференцијата е закажана за вторник во 13:00 часот, а фокусот ќе биде ставен на стабилизација на пазарите и обезбедување сигурно снабдување со енергенси, особено во услови на растечки цени и неизвесност.

Европа, која во голема мера зависи од увоз на енергија, се соочува со сериозни последици откако беше нарушен транспортот преку Ормускиот теснец, една од најважните светски рути за нафта и гас. Од почетокот на конфликтот на 28 февруари, цените на гасот во Европа пораснаа за повеќе од 70%.

РЕКЛАМА

Се очекува дека министрите ќе предложат конкретни мерки за справување со нарушувањата енергетските пазари, со цел да се избегнат некоординирани национални реакции кои би можеле дополнително да ја дестабилизираат ситуацијата.

Иако ЕУ уверува дека снабдувањето со нафта и гас засега останува стабилно, благодарение на добавувачите како Норвешка и САД, расте загриженоста за намалени глобални резерви на одредени деривати, особено дизел и авионско гориво.

Претставници на индустријата предупредуваат дека Европа може да се соочи со недостиг на енергенси веќе во април, доколку кризата продолжи да се продлабочува.

Како дел од мерките, земјите-членки се повикани навреме да ги наполнат складиштата за природен гас пред следната зима, со цел да се избегне дополнителен притисок врз цените и снабдувањето во текот на годината.

Состанокот се очекува да биде клучен чекор кон усогласен европски одговор во услови на една од најсериозните енергетски кризи во последните години.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил