Подгорица. 3 септември 2025 – Државната електроенергетска компанија на Црна Гора, „Електропривреда Црне Горе“ (ЕПЦГ), распиша тендер за набавка и инсталација на два батериски системи за складирање енергија (BESS) со вкупна вредност од 48 милиони евра.
Секој од системите треба да има капацитет од 30 мегавати за инстантна моќност и 120 мегават-часа за складирање енергија, со излезен напон од 35 киловолти, стои во јавниот повик објавен во петокот.
Рокот за доставување понуди е 15 октомври. Избраниот изведувач ќе мора да обезбеди гаранција од десет години, која вклучува бесплатна поправка и одржување, како и план за превентивно и техничко одржување за наредната деценија. Главниот проект треба да биде изработен во рок од 45 дена по потпишувањето на договорот, а целата реализација да заврши за осум месеци.
Двата системи ќе бидат поставени во кругот на фабриката „Железара Никшиќ“.
ЕПЦГ уште во март најави дека одржала околу 20 состаноци со заинтересирани страни – производители и интегратори на BESS, финансиски институции и ко-инвеститори од САД, Франција, Кина, Јапонија, БиХ и Црна Гора.
Покрај ова, компанијата планира и поставување батериски системи со капацитет од по 60 MWh во хидроцентралата „Перуќица“ и термоцентралата во Пљевља, со цел стабилизација на електроенергетската мрежа, зголемување на ефикасноста и интеграција на обновливи извори.
Инаку, ЕПЦГ располага со инсталиран производствен капацитет од 877,4 MW, од кои 649 MW доаѓаат од хидроцентралите „Перуќица“ и „Пива“, 225 MW од термоцентралата Пљевља и 3,4 MW од мали хидроцентрали. Компанијата во моментов развива и ветерни и соларни проекти.
Извор: EPCG.com