Електропривреда на Црна Гора (ЕПЦГ) и германската компанија Нордекс потпишаа договор вреден околу 26 милиони евра за реализација на ветерниот парк „Гвозд 2“, соопштија од компанијата.
Договорот, потпишан во Никшиќ, опфаќа набавка, испорака, инсталација, пуштање во работа и долгорочно одржување на ветерни турбини. Со ова, ЕПЦГ го продолжува инвестицискиот циклус во обновливи извори на енергија и ја зацврстува својата улога во енергетската транзиција на земјата.
Проектот „Гвозд 2“ предвидува поставување на три нови ветерни турбини со вкупна моќност од 21 мегават и очекувано годишно производство од 63 гигават-часови електрична енергија. По неговата реализација, вкупната инсталирана моќност на ветерниот парк „Гвозд“ ќе достигне 75,6 мегавати, со годишно производство над 210 гигават-часови, доволно за снабдување на повеќе од 35.000 домаќинства.
Воедно, проектот ќе придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за речиси 137.000 тони годишно.
Инвестицијата се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку поволен кредитен аранжман.
Од ЕПЦГ оценуваат дека проектот претставува значаен чекор кон декарбонизација на енергетскиот сектор и зајакнување на енергетската стабилност на Црна Гора. По завршувањето на втората фаза, ветерниот парк „Гвозд“ ќе стане најголемиот ваков капацитет во земјата, со вкупна инвестиција од над 107 милиони евра.
На потпишувањето на договорот присуствуваа претставници на ЕПЦГ, Нордекс, Министерството за енергетика и рударство на Црна Гора, како и на ЕБОР. Од институциите истакнаа дека проектот е дел од пошироката стратегија за развој на обновливи извори на енергија и јакнење на енергетската независност на државата.
Извор: Investitor.me
