Брисел, 30 Мај 2025 – Европскиот континентален електроенергетски систем е стабилен и подготвен за претстојното лето, покажува најновиот извештај на Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E). Сепак, организацијата предупредува на зголемен ризик од енергетски проблеми на некои послабо поврзани острови – Малта, Кипар и Ирска.
Според извештајот, инсталираниот капацитет на соларни електрани во Европа е зголемен за дури 90 GW во споредба со лани. Овој раст може да доведе до вишок електрична енергија во периоди на високо производство и ниска потрошувачка.
Иако капацитетот за складирање електрична енергија преку батерии е повеќе од удвоен и сега изнесува 25 GW, ENTSO-E истакнува дека тоа сè уште не е доволно. Организацијата укажува дека флексибилноста во системот, како што се прекугранични врски, складишта и управување со побарувачката, ќе биде поважна од кога било досега.
Во однос на фосилните извори, Европската мрежа бележи пад од 14 GW кај јагленот и лигнитот, додека производството од гасни електрани е зголемено за 12 GW.
ENTSO-E не идентификува системски ризици за континенталната мрежа, но укажува на можни проблеми на островите кои имаат ограничени врски со останатиот систем. На Ирска, на пример, ѝ претстојат неколку планирани исклучувања на големи флексибилни капацитети кон крајот на летото, без соодветна замена за старите електрани кои излегоа од употреба во последните години. Безбедноста на снабдувањето таму ќе зависи од избегнувањето на непланирани дефекти и од степенот на производство на енергија од ветер.
Малта и Кипар, исто така, се изложени на ризик доколку се случат непланирани прекини и неповолни временски услови, предупредува ENTSO-E.
Извoр: ENTSO-E