ENTSO-Е: Предлог за поефикасно управување со енергетската политика на ЕУ

Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија, ENTSO-E, ја поздрави иницијативата на Европската комисија за ревизија на ЕУ регулативата (EU) 2018/1999 за управување со Енергетската унија и климатската акција, оценувајќи дека постојната рамка дала резултати, но мора да се прилагоди на брзо променливата геополитичка, технолошка и климатска средина. Во позициониот документ објавен од страна на ENTSO-E , организацијата истакнува дека новата регулатива претставува важна можност за забрзување на енергетската транзиција во Европа, истовремено зајакнувајќи ја сигурноста на снабдувањето, отпорноста на енергетските системи и конкурентноста на европската економија.

Како здружение на европските оператори на преносни електроенергетски системи, ENTSO-E нагласува дека е потребно подобрување на координацијата на европско ниво, поефикасно планирање на мрежната инфраструктура и појасни механизми за известување и поставување цели. Според организацијата, директната електрификација, растечкото производство на енергија од обновливи извори и зголемувањето на енергетската ефикасност се клучни алатки за декарбонизација на Европа и исполнување на климатските и енергетските цели на Европската унија. Сепак, ENTSO-E предупредува дека реформата мора да ја зачува рамнотежата меѓу координацијата на ниво на ЕУ и надлежностите на земјите-членки, бидејќи тие остануваат одговорни за сопствениот енергетски микс, сигурноста на снабдувањето, инвестициите во критична инфраструктура и националната безбедност.

Во документот се нагласува и дека прекумерната централизација на планирањето и управувањето со електроенергетските мрежи би можела да ја забави имплементацијата на проектите и да создаде дистанца меѓу управувањето и реалните оперативни услови. Наместо тоа, ENTSO-E предлага зајакнување на регионалната соработка и поголемо искористување на регионалните координативни центри за поддршка на операторите при планирањето и управувањето со прекуграничната инфраструктура и ризиците во системот.

РЕКЛАМА

Организацијата исто така повикува националните енергетски и климатски планови да бидат појасни и поконзистентни со европските цели, за да може подобро да се поврзат со европските анализи и сценарија за развој на енергетската мрежа. Според ENTSO-E, овие планови треба да се базираат на две јасни сценарија, едно кое ја прикажува траекторијата врз основа на постојните политики и второ усогласено со долгорочните цели за 2040 и 2050 година. Дополнително, потребно е нивното навремено објавување за да се обезбеди сигурност при планирањето на инфраструктурните инвестиции и енергетските политики.

Во анализата се посочува и дека националните планови во моментов значително се разликуваат по структура, дефиниции и квалитет на податоците, што го отежнува нивното споредување на европско ниво. Поради тоа, ENTSO-E предлага воведување заеднички шаблони за податоци, усогласени сценарија и дигитални алатки кои ќе овозможат поголема транспарентност и компатибилност на информациите меѓу земјите.

Покрај тоа, организацијата ја поддржува намерата на Европската комисија да го намали административниот товар од известувањето за околу 25%, преку поедноставување и интегрирање на повеќе постојни извештаи поврзани со енергетската и климатската политика. Во новите правила, според ENTSO-E, треба посилно да се вгради и безбедносната димензија на енергетските системи, имајќи ги предвид современите ризици како геополитички кризи, хибридни закани, сајбер-напади и климатски екстреми. Затоа организацијата предлага државите-членки при подготовката на своите национални планови да предвидат инвестиции во отпорност на мрежите, заштита од физички и сајбер закани и подобро координирано управување со ризиците.

Од ENTSO-E порачуваат дека остануваат подготвени активно да придонесат во процесот на ревизија на регулативата со својата техничка експертиза, плански алатки и оперативни искуства, додека Европската комисија ја подготвува проценката на влијанието и законодавниот предлог што се очекува да биде претставен во 2026 година.

Извор: Entsoe.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил