Странските инвеститори во обновливи извори на енергија во Грција сè почесто го насочуваат вниманието кон Балканот, бидејќи грчкиот пазар станува премногу тесен за нивните планови за брзо зголемување на „зелените“ портфолија. Според мислењата на експертите, меѓународните компании не ја напуштаат Грција, но проценуваат дека таму веќе нема услови за динамичен, крупен раст.
Главни пречки се ограничениот капацитет на електричната мрежа, недостигот од соодветни локации за нови проекти и јасните знаци на заситеност, меѓу кои се почестите ограничувања во производството и нултите или негативни берзански цени. Сè додека во земјата не се инсталира значителен капацитет батериски системи, вложувањата остануваат со зголемен ризик.
Поради тоа, сè повеќе компании се насочуваат кон соседните пазари, каде вакви пречки се помали или воопшто не постојат. Романија е водечка дестинација за нови инвестиции, а во последно време расте и интересот за Бугарија, кои нудат побрз поврат во првите години од работењето.
Зголемените ризици во Грција веќе ги натераа дел од странските групации да се повлечат, додека други се подготвуваат на сличен чекор без официјална објава. Некои компании, кои ги ставија своите портфолија на продажба во 2022–2023 година, сега се „заробени“ бидејќи поради мрежната заситеност не успеале да постигнат договори и не можат да ги добијат очекуваните процени.
Сепак, ситуацијата не е еднонасочна. Помал број странски инвеститори и понатаму влегуваат или планираат влез на грчкиот пазар. Тие најчесто се заинтересирани за постари, оперативни проекти со загарантирани тарифи и понизок ризик, како и за зрели проекти со финални понуди за приклучок, иако нивните понуди често се пониски од цените што ги очекуваат развивачите.
Извор: EnergyPress.eu
