Енергетика на Балканот: ЕПЦГ со загуба, ЕПС и ППЦ со милионски добивки

Белград/Атина/Подгорица. 2 септември 2025 – Државните енергетски компании во Црна Гора, Србија и Грција го објавија финансискиот биланс за првата половина од 2025 година, а резултатите покажуваат значителни разлики во нивното работење.

Електропривреда Црне Горе (EPCG) шестмесечниот период го заврши со загуба од 24,5 милиони евра, што е повеќе од шест пати поголем минус од истиот период лани. Главни причини за негативниот резултат се ниската продажна цена на струјата за домашните потрошувачи, која е речиси двојно пониска од цената на меѓународните берзи, како и застојот на Термоелектраната Плевља поради реконструкција. И покрај тоа што приходите од продажба се зголемени за околу 2,4% и достигнале 200,7 милиони евра, растот на оперативните трошоци, повисоки за повеќе од 28 милиони евра во споредба со лани, ја довел компанијата во длабоко негативно салдо. Производството на електрична енергија заостанува зад плановите, па во првото полугодие биле реализирани 1.058 GWh или само 78,8% од планираното.

Во Србија, пак, Електропривреда Србије (EPS) бележи позитивен финансиски резултат, иако послаб од минатата година. Компанијата оствари профит од 27,4 милијарди динари, односно околу 233,8 милиони евра, што е за нешто помалку во споредба со ланските 32,8 милијарди динари. Министерството за рударство и енергетика соопшти дека е задржана стабилноста и во производството и во финансиите, а министерката Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ истакна дека производството на јаглен е зголемено за седум проценти во однос на истиот период од 2024 година, со што се обезбедува сигурност на системот. EPS вложува и во нови капацитети, меѓу кои соларната електрана во Костолац и првиот ветерен парк на компанијата, додека паралелно се работи и на стратешкиот проект за изградба на реверзибилна хидроелектрана „Бистрица“.

РЕКЛАМА

Грчката Public Power Corporation (PPC) бележи најсилни резултати во регионот со приход од 4,65 милијарди евра и нето-профит од 200 милиони евра во првата половина од годината, што е подобро од лани кога профитот изнесуваше 180 милиони евра. Компанијата инвестирала 1,3 милијарди евра, од кои дури 90% во обновливи извори и модернизација на мрежата. Само во вториот квартал започната е изградба на проекти со капацитет од речиси 900 MW, а обновливите извори веќе сочинуваат половина од вкупната инсталирана моќност на компанијата.

Производството од ветерни и соларни централи бележи значителен раст, со што PPC ја зацврстува својата позиција како лидер во енергетската транзиција. Компанијата очекува до крајот на годината профит над 400 милиони евра и потврдува дека ќе исплати дивиденда зголемена за 50 проценти во однос на 2024 година.

Трите примери ја отсликуваат различната состојба на енергетските системи во регионот: Црна Гора се соочува со финансиски притисок и недостиг на производство, Србија се потпира на стабилноста на јагленските капацитети и постепено вложува во нови технологии, додека Грција забрзано инвестира во обновливи извори и бележи континуиран финансиски раст.

Извор: Portalanalitka.me / Ienergia.gr / Magazinbiznis.rs

Сподели:
Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба