Енерго-Технома 2025: Иновациите и младите идеи во служба на одржливата иднина

Скопје. 28 октомври 2025 – Со свечена церемонија во арената „Борис Трајковски“, вчера беше отворено годинешното издание на саемската манифестација „Енерго-Технома 2025“, која оваа година се одржува под мотото „Вклучи одржливи навики“. Под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, саемот во следните четири дена ќе биде центар на иновации, технологии и идеи што ја обликуваат енергетската иднина на регионот.

Настанот ги собра на едно место претставниците од индустријата, академската заедница, јавните институции и младите истражувачи, со цел да се создаде мост меѓу знаењето и практичните решенија.

„’Енерго-Технома’ е повеќе од саем – тоа е движење кое ги поврзува визиите за чиста и ефикасна иднина. На едно место се среќаваат науката, индустријата и младите умови кои ја носат новата енергија на промената“, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска, во своето обраќање. Таа додаде дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува платформата која го поттикнува технолошкиот развој и ја афирмира одржливоста како национален приоритет.

РЕКЛАМА

Извршната директорка на „Скопски саем“, Даниела Глигоровска, нагласи дека манифестацијата е вистинско место за размена на идеи и создавање нови партнерства.
„Оваа година го прошируваме хоризонтот – покрај индустријата и технологијата, фокус ставаме и на младите иноватори и зелените решенија. Веруваме дека од ваквите средби произлегуваат проекти што носат реални придобивки за економијата и за заедницата“, изјави таа.

Во рамките на „Енерго-Технома 2025“ учествуваат над 40 компании од Македонија и регионот, кои ги претставуваат најновите достигнувања во областа на енергетиката, соларните и хибридни системи, климатизацијата, интелигентните мрежи и автоматизацијата. Програмата вклучува стручни презентации, демонстрации и тематски панели, како и посебен сегмент за младински иновации, каде студентите од техничките факултети ги изложуваат своите проекти пред потенцијални работодавачи и инвеститори.

Саемот ќе трае до 30 октомври, а посетителите можат да го проследат секој ден од 10 до 18 часот (во четврток до 17 часот). Организаторите очекуваат илјадници посетители и бројни нови соработки што ќе го поттикнат преминот кон поодржлива и поиновативна економија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба