Атина. 18 јули 2025 – Министрите од земјите договорни страни на Енергетската заедница вчера во Атина присуствуваа на Неформалниот министерски совет и го одбележаа јубилејот – 20 години од основањето на Енергетската заедница.
Главната порака што произлезе од состанокот беше дека е потребна итна и забрзана интеграција на земјите од регионот во енергетскиот пазар на Европската Унија, но и посериозно усогласување со климатските обврски на ЕУ.
Енергетската заедница, која беше формирана во 2005 година токму во Атина, има за цел создавање интегриран енергетски пазар, поттикнување инвестиции и забрзување на транзицијата кон чиста енергија преку усогласување со европските правила.
Во овој контекст, европскиот комесар за енергија и домување, Дан Јоргенсен, изјави дека изминатите две децении ја донеле ЕУ поблиску до нејзините соседи, преку интеграција, реформи и инвестиции. „Сега е време да гледаме напред – кон одржлив и отпорен систем кој ќе донесе поевтина и побезбедна енергија за сите,“ истакна тој.
Грчкиот министер за животна средина и енергија, Ставрос Папаставру, во својата изјава за медиумите рече дека е оптимист по првата сесија на состанокот. „Сите договорни страни покажаа силна посветеност за пазарно поврзување. Ова е моментот нашата регија да го надомести заостанувањето за благосостојба на граѓаните,“ изјави Папастраву.
Според информациите од Атина, договорните страни се на чекор до целосна интеграција со електричниот пазар на ЕУ. Очекувањата се дека до 2027 година ќе биде остварено поврзување со Единствениот пазар на ЕУ за електрична енергија (SDAC и SIDC). Многу земји веќе ги завршуваат последните фази од реформите, вклучувајќи и правно усогласување и воспоставување пазарни оператори.
Министрите направија значаен исчекор и во регионалната координација, поддржувајќи ја иницијативата на операторите на преносни системи на ЕУ за ревизија на регионите за пресметка на капацитети – клучен чекор за поефикасно функционирање на електроенергетската мрежа.
За време на состанокор, посебен акцент беше ставен и на спроведувањето на европскиот Механизам за прилагодување на границата на јаглерод (CBAM), кој ќе почне да се применува од 1 јануари 2026 година. Бидејќи ниту една договорна страна нема да ги исполни критериумите за изземање, министрите побараа правилата да се применуваат фер и контекстуално – за да не се наруши прекуграничната трговија со електрична енергија.
Во својата изјава, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, потенцираше: „Интеграцијата на електричниот пазар и декарбонизацијата се неразделни. Само преку усогласување на политиките, инфраструктурата и цените, земјите ќе можат да добијат пристап до чиста, сигурна и пристапна енергија.“
Министрите се согласија дека воведувањето на системи за јаглеродно ценирање, поддржано од функционални механизми за следење и известување, ќе биде неопходно за понатамошна интеграција. Секретаријатот ќе продолжи да им дава техничка поддршка на земјите во овој процес.
На крајот од средбата, министрите упатија повик приходите од јаглерод да се искористат за поддршка на најранливите категории на граѓани и за инвестиции во чиста енергија. Тие нагласија дека финансиската поддршка за транзицијата мора да оди заедно со конкретни реформи – за да се обезбеди јавна доверба.
Во посебна сесија, министрите разговараа и за иднината на иницијативата CESEC (Централна и Југоисточна Европа за енергетска поврзаност), која има за цел да го олесни развојот на прекугранични и трансевропски енергетски проекти.
Извор: Енергетска Заедница