Скопје. 18 април 2025 – Соработката во областа на енергетиката била една од темите за кои било разговарано за време на работната посета на претседателот на Владата Христијан Мицкоски на Обединетите Арапски Емирати, потврди самиот премиер во видео порака, објавена по завршувањето на посетата.
Според премиерот Мицкоски, фокусот бил ставен на проектите како хидроцентралите Чебрен и Галиште на Река Црна, но дискусиите опфатиле и можности за инвестиции во соларни панели, ветерни турбини и ветерни паркови со цел зајакнување на енергетскиот сектор во нашата држава.
Инаку, во последните неколку години, ОАЕ покажуваат растечки интерес за реализација на енергетски проекти во соседството на Македонија, особено во Албанија, каде компанијата „Масдар Енерџи Инвестмент Компани“ во ноември минатата година потпиша договор за соработка со албанската електрокорпорација КЕШ. Овој проект, кој треба да започне годинава, е важен за регионалната енергетика, но точните финансиски детали не се јавно достапни.
На 10 април годинава беше објавено дека компанијата за обновлива енергија „Масдар“, со чиј извршен директор, Мохамед Јамеел Ал Рамахи средба оствари и премиерот Мицкоски, целосно ја презела грчката компанија Терна Енерџи (TENr.AT), по купувањето на мнозинскиот удел минатата година.
Енергетика 24