Луксембург. 12 септември 2025 – Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе инвестира 17,5 милијарди евра во периодот 2025–2027 за поддршка на мали и средни претпријатија во процесот на декарбонизација и заштеда на енергија. Со оваа иницијатива се очекува да се поттикнат над 65 милијарди евра вкупни инвестиции, со цел намалување на енергетските трошоци и зголемување на конкурентноста и отпорноста на компаниите.
Европската комисија ќе формира специјална работна група која ќе работи на надминување на финансиските бариери и изнаоѓање решенија прилагодени на потребите на малите бизниси низ континентот.
Одлуката доаѓа во време кога меѓународните обврски за енергетска ефикасност се под сериозен предизвик. Иако речиси 200 земји на самитот КОП28 во 2023 година ветија дека ќе го удвојат темпото на подобрување на ефикасноста до 2030 година, Меѓународната агенција за енергија предупреди дека светот сè уште заостанува зад оваа цел.
Минатата година ЕИБ, која е во сопственост на земјите членки на ЕУ, одобри 50,7 милијарди евра за енергетска транзиција и климатско финансирање, потврдувајќи ја својата водечка улога во европските зелени инвестиции.
Паралелно, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) стартуваше „зелен“ финансиски пакет од 634 милиони долари, со поволни кредити, грантови и техничка поддршка. Програмата ќе биде достапна за домаќинства, компании и институции во 13 земји, меѓу кои и Македонија, а ќе ја поддржи и Зелениот климатски фонд на ООН со дополнителни 200 милиони долари.
Овие чекори, според двете банки, треба да обезбедат поефикасна, поконкурентна и климатски поотпорна економија во регионот и пошироко.
Извор: Argusmedia.com