Побарувачката за електрична енергија во САД ќе достигне рекордни нивоа во наредните две години, поттикната од експанзијата на вештачката интелигенција и крипто-индустријата, покажуваат најновите прогнози.
Според извештајот на Американската агенција за енергетска информации (EIA) , потрошувачката ќе продолжи да расте и во 2026 и 2027 година, откако веќе постави рекорд во 2025.
EIA проценува дека вкупната потрошувачка на електрична енергија ќе се зголеми од 4.195 милијарди киловат-часови во 2025 година на 4.244 милијарди во 2026, а потоа на 4.381 милијарда киловат-часови во 2027 година. Овој раст, според аналитичарите, е директно поврзан со брзото ширење на дата-центрите за вештачка интелегенција и криптовалути, како и со трендот на електрификација, односно зголемената употреба на струја наместо фосилни горива за греење и транспорт.
Сите категории на потрошувачи бележат пораст. Во 2026 година, се очекува домаќинствата да потрошат 1.520 милијарди киловат-часови, комерцијалниот сектор 1.528 милијарди, додека индустриската потрошувачка ќе достигне 1.053 милијарди киловат-часови. Овие бројки се блиску до или ги надминуваат историските рекорди, што укажува на структурна промена во енергетската побарувачка.
Во однос на енергетскиот микс, извештајот предвидува постепена транзиција. Учеството на јагленот ќе продолжи да опаѓа од 17% во 2025 година на 15% во 2027, додека обновливите извори ќе се зголемат од 24% на 27% во истиот период. Уделот на нуклеарната енергија ќе остане стабилен на околу 18%.
Природниот гас ќе ја задржи доминантната улога во производството на електрична енергија, со удел од околу 39–40%. Интересно, иако употребата на гас за производство на струја ќе остане висока, неговата потрошувачка кај домаќинствата и деловните субјекти ќе се намалува, што дополнително ја потврдува тенденцијата на премин кон електрична енергија.
Аналитичарите оценуваат дека растот на потрошувачката, особено поради AI инфраструктурата, ќе претставува сериозен предизвик за енергетските системи, барајќи нови инвестиции во производство, мрежна инфраструктура и складирање на енергија. Истовремено, оваа трансформација може да ја забрза енергетската транзиција, но и да создаде нови притисоци врз цените и стабилноста на снабдувањето.
Овој тренд потврдува дека дигиталната економија станува еден од главните двигатели на глобалната енергетска побарувачка, со потенцијал значително да го редефинира енергетскиот пазар во наредната деценија.
Извор: EIA.org
