Инвестицијата има за цел да ја зајакне енергетската безбедност на Европа
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри заем од 500 милиони американски долари за финансирање на гасоводот „Транс Анадолија“ (ТАНАП), соопшти банката минатата среда.
Проектот е дел од Јужниот гасен коридор (SGC) и има за цел да овозможи транспорт на природен гас од Каспиското Море кон Европа, со што ќе се придонесе кон енергетската безбедност и диверзификација на изворите на енергија.
Средствата од ЕБОР ќе бидат насочени кон завршување на делницата на гасоводот што минува низ Турција. Корисник на заемот е компанијата „Southern Gas Corridor Closed Joint Stock Company“, во која Република Азербејџан поседува 51% од акциите, а државната нафтена компанија на Азербејџан (SOCAR) – 49%.

Оваа компанија, која поседува 58% од уделот во ТАНАП, го управува и интересот на Азербејџан во проектот. Според соопштението, ТАНАП е клучна компонента на Јужниот гасен коридор, кој ќе ја подобри поврзаноста меѓу земјите, ќе отвори нови пазари за природен гас и ќе овозможи поразновидно снабдување со енергија, особено за Балканот и југоисточна Европа.
Проектот, исто така, ќе придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид преку заменување на старите термоцентрали на јаглен.
ЕБОР истакна дека нејзиното учество ќе обезбеди усогласеност со највисоките еколошки стандарди и ќе овозможи понатамошен дијалог со сите засегнати страни во проектот.
Јужниот гасен коридор опфаќа гасна инфраструктура долга 3.500 километри, што поминува низ шест земји, со вкупна инвестиција од 40 милијарди долари. Главните делови се офшор наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Азербејџан, Јужнокавкаскиот гасовод (низ Азербејџан и Грузија), ТАНАП во Турција и Трансадријатскиот гасовод (ТАР) низ Грција, Албанија и Италија.
Почетниот капацитет на системот ќе изнесува до 16 милијарди кубни метри гас годишно, количина што одговара на годишната потрошувачка на повеќе од 10 милиони домаќинства во регионот.
Извор: Aa.com.tr
