Белград. 15 октомври 2025 – Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, во интервју за Радио-телевизијата Србија, истакна дека државата нема намера да го национализира имотот на Нафетната индустрија на Србија, ниту да дозволи нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата. Таа посочи дека разговорите со руската делегација за иднината на НИС биле долги, искрени и конструктивни, нагласувајќи дека оваа компанија е од клучно значење за енергетската безбедност на земјата.
„Горда сум на тоа како претседателот Александар Вучиќ ги брани интересите на Србија и нејзините граѓани. Во односите со партнерите мора да се биде искрен, транспарентен и конструктивен,“ рече министерката, додавајќи дека прашањето за НИС не е само национално, туку и геополитичко прашање.
Според неа, санкциите што ги воведоа САД против НИС не се насочени против Србија, туку произлегуваат од односите меѓу Вашингтон и Москва. „НИС е од витален интерес за државата и сигурна сум дека и оваа криза ќе ја пребродиме, како и сите претходни,“ истакна Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа потсети дека Србија во време на енергетската криза пред три години имала најниски цени на гас и електрична енергија во Европа, како резултат на стабилната надворешна политика и енергетската стратегија на владата.
Министерката додаде дека Белград паралелно води комуникација и со американската администрација, а според неа, досегашните дипломатски напори придонеле санкциите кон НИС да бидат одложени осум пати.
Таа нагласи дека Србија добила уверување за продолжување на гасниот договор со Гаспром до крајот на годината, но ќе инсистира на долгорочно решение. Моменталните резерви на гас, рече Ѓедовиќ Хандановиќ, изнесуваат 533 милиони кубни метри, од кои 350 милиони се складирани во Банатски Двор, а 183 милиони во магацините во Унгарија.
„Нашата задача е да обезбедиме стабилно снабдување и енергетска сигурност. Рафинеријата мора да продолжи да работи, тоа е во интерес на сите граѓани,“ заклучи Ѓедовиќ Хандановиќ.
Извор: RTS.rs